Семакедонски собир во Мелник: „Ова е исторски момент, да се избориме за нашите права“

by fokus

Во организација на забранетата партија на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин денеска се одржа семакедонски собир во Мелник во Бугарија пред споменикот на Јане Сандански, а по повод 108-годишнината од убиството на македонскиот револуционер.

Стојко Стојков, кој е дел од претседателството на ОМО Илинден Пирин во својот говор порача дека ова е исторски момент и ги повика Македонците ширум светот да се кренат во активна борба за одбрана на македонскиот идентитет, пренесе МКД.МК.

-Сите Македонци во Бугарија – да го оставиме времето на стравот во минатото и храбро да се избориме за нашите права и достоинство. Македонците во Бугарија не се опасност за никого, напротив, придонесуваме за економски, културен и социјален просперитет на државата и како достојни граѓани инсистираме да се почитува нашето достоинство како луѓе, како Македонци и граѓани, рече Стојков.

Тој порача дека Македонците изразуваат протест поради државната политика на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство во Бугарија, поради  негирањето на македонската нација и идентитет и обидите за присвојување на македонската историја, јазик и култура од страна на бугарската држава, како и поради дејствијата на бугарските институции против македонските културни клубови во Бугарија.

-Јасно бараме бугарската држава да ги почитува правото, науката и вистината и да ја прифати реалноста на македонската нација, малцинство, јазик, историја и идентитет и да стави крај на политиката на присвојување, асимилација и дискриминација кон македонската нација во принцип и кон македонското малцинство на својата територија, рече Стојков.

Тој побара македонската држава и македонските политичари  да почнат активно да се грижат за македонското малцинство во Бугарија и да го штитат македонскиот идентитет, историја и култура.

Поврзани новости