Сега е јасно дека Мијалков не бил случајно сменет во 2000-та година!

by fokus 12:36
12:36

Кога некој многу години работел во МВР, при што бил и директор на УБК (од 1999 до 2001 г.), а за време на широката коалиција, пак, (мај 2001 до ноември 2002 г.) ја извршувал функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, тогаш може да смета за вистински соговорник за контроверзиите со акцијата „Пуч“ и „бомбите“ на Заев.

Во разговорот за „Фокус“, Горан Митевски тврди дека е невозможно странска служба да прислушува над 20.000 лица повеќе од 4 години. Верзијата со комбето, пак, ја смета и апсурдна. Иако обвинителството и судството ги оценува како контролирани од власта, сепак верува дека во процесот по кривичните пријави на опозицијата ќе се откријат интересни работи. Особено зошто Сашо Мијалков бил сменет од функцијата помошник на министерот за безбедност и разузнавање во ресорот Одбрана во владата на Георгиевски!

- Advertisements -

Инаку, Митевски заминува од МВР со доаѓањето на Хари Костов за министер

ФОКУС: Може ли странска служба да нарача прислушување во Македонија, кое ќе опфати над 20.000 лица, а во период од најмалку 4 години? И притоа, ниту премиерот, ниту министерот за внатрешни работи, ниту шефот на УБК да не знаат што им се случува во дворот?

МИТЕВСКИ: Масовно прислушување со опфат од над 20.000 лица во период од најмалку 4 години е невозможно да изврши која било странска служба во Македонија. Управата за оперативна техника (т.н. Петта управа) во Министерството за внатрешни работи единствено поседува опрема, која има капацитет да ги следи комуникациите на толкав број граѓани во нашата држава. За прислушувањето, доколку се спроведува согласно законот, мораат да бидат информирани директорот на УБК и министерот за внатрешни работи. Премиерот, по правило, не треба да биде информиран за прислушувањето, освен во случаи кога преку таа посебна истражна мерка се добиваат сознанија со одреден политички, воен или економски сензибилитет, за кои премиерот и претседателот на државата треба да бидат информирани. Тоа е во случај кога така добиените информации можат да помогнат при донесувањето одредени владини или државни одлуки поврзани со стратегиските прашања за Република Македонија.

ВЕРЗИЈАТА ЗА КОМБЕТО Е НЕСЕРИОЗНА

ФОКУС: Како ја коментирате верзијата на премиерот за комбето со прислушна опрема, кое шетало низ градот? И така цели 4 години?

МИТЕВСКИ: Тоа е толку несериозно што воопшто не би сакал да го коментирам. Но, еве накусо да појаснам. Верзијата со комбето паѓа во вода со самиот факт дека можноста за таков вид следење на комуникациите е ограничена со опсег од околу 2 километри, а разговорите на лидерот на опозицијата, г-дин Зоран Заев, со своите најблиски соработници, главно, се одвивале на релација Струмица – Скопје, со оддалеченост од околу 100 километри воздушна линија. На прес-конференцијата беше кажано дека комбето снимало во периодот од 12 до 18 часот, а од прислушуваните разговори слушаме „да не те разбудив“ и слични работи, кои потврдуваат дека добар дел од разговорите се одвивале или во раните утрински часови или доцна навечер. Исто така, со поставувањето камери на сите раскрсници во Скопје, таквото комбе многу лесно ќе беше лоцирано и идентификувано, а досега ќе излезеа и снимки од него. Навистина ова прашање не е потребно дополнително да се коментира.

ФОКУС: Кој, според Вас, стои зад масовното прислушување? Чија замисла е, но особено чија е реализацијата?

МИТЕВСКИ: За да одговорам на ова прашање, ќе мора да почекаме да отпочне судскиот процес по поднесените кривични пријави против г-дин Мијалков и НН лица од МВР, вработени во Управата за оперативна техника, кои ги поднесе опозицијата. Јас сум сигурен дека со сведочењето на лицата што учествуваа во одредени настани во периодот 1999-2000 година и од крајот на 2006-2014 година, кои во првиот период работеа во Министерството за одбрана, поточно во Секторот за безбедност и разузнавање, а во вториот период во МВР, ќе се расветлат многу од сегашните често поставувани прашања поврзани со овој настан.

ФОКУС: Го познавате ли Сашо Мијалков? Дали сте имале професионални контакти додека работевте во УБК, а тој беше во Одбрана?

МИТЕВСКИ: Во мојата професионална кариера во Управата за безбедност и контраразузнавање никогаш се немам сретнато со г-дин Мијалков, иако до нас во периодот 1999-2000 година пристигнуваа одредени информации поради кои беше сменет од функцијата помошник на министерот за безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана, но, како што кажав на почетокот, очекувам за тие работи јавно да се проговори во судскиот процес против него.

ФОКУС: Колку луѓе било неопходно да бидат ангажирани во ова мега-прислушување?

МИТЕВСКИ: За актуелната бројка би требало да шпекулирам, но секако во целата операција биле вклучени поголем број лица. Само би напоменал дека е невозможно лица вработени во Управата за оперативна техника неовластено да прислушуваат и да снимаат разговори подолго од 4 години, а за тоа да не знаат нивните претпоставени. Системот на хиерархија и контрола не го дозволува тоа, бидејќи таму има началник на Управата, негов заменик, началник на сектор, началник на одделение и невозможно е некои вработени толкав период да доаѓаат на работа, да ја злоупотребуваат опремата за прислушување за потребите на странски служби, а тоа да не го забележат нивните претпоставени. Тоа е апсурд.

НЕОПХОДНА НИ Е ПРЕОДНА ВЛАДА

ФОКУС: Можна ли е опцијата што ја заговара опозицијата, дека целата операција била смислена од Груевски и од Мијалков? Особено, како што наведуваат, зашто немало снимки од директна комуникација само меѓу нив двајца?

МИТЕВСКИ: По мое лично мислење, можно е прислушувањата да се нарачани од Груевски и од Мијалков. Верувам дека овие моменти ќе мора да се расветлат во судскиот процес. Поточно, убеден сум дека ќе биде така. Не би сакал да откривам повеќе детали.

ФОКУС: А можно ли е министерката за внатрешни да не знае за тоа?

МИТЕВСКИ: Мислам дека одговорив оти доколку прислушувањето е законски, мора да бидат информирани министерот за внатрешни работи и директорот на УБК. Најверојатно, станува збор за усна наредба на директорот на УБК, и бидејќи е избегната правната процедура, можно е министерката да не била информирана за примена на мерка.

ФОКУС: Каква е разликата меѓу аферата „Големото уво“ од 2000 година и оваа актуелнава со „бомбите“ на Заев?

МИТЕВСКИ: Разликата меѓу овие две афери е во опфатот на прислушуваните граѓани. Тогаш беа прислушувани не повеќе од 100 граѓани, а во поновава афера, бројката, како што слушаме, е поголема од 20.000 граѓани. Сличноста е дека и тогаш и сега имаше прислушувани државни функционери, политичари, новинари и други категории на граѓани.

ФОКУС: Верувате ли во судска разврска на случајот „Пуч“, во услови кога обвинителството и судството се под капата на фамилијата на власт?

МИТЕВСКИ: За жал, повеќето од прислушуваните разговори потврдија претходни јавно објавени информации што беа содржани и во неколку извештаи на Европската комисија дека обвинителството и судството се под директна контрола на владејачката партија и дека се нарачуваат одредени судски одлуки. Кога слушнавме дека еден главен уредник на провладин медиум се жали кај претседателката на Апелациониот суд во Скопје, веќе не постоеја дилеми за ваквите долгогодишни индиции кои беа присутни во повеќето средства за информирање, односно за големиот притисок врз судството, но и за кокетирањето на првите луѓе на судовите и обвинителството со власта.

ФОКУС: Каде го гледате излезот од оваа политичка криза?

МИТЕВСКИ: Како излез од оваа криза е неопходно формирање преодна влада, која ќе ги отстрани сите нотирани злоупотреби од сегашнава власт, а за тоа ќе бидат потребни 12-18 месеци, по што ќе мора да се распишат парламентарни избори. Но, претходно ќе мора да се коригира избирачкиот список, да се донесат нови закони со кои ќе се оневозможат условувањата со меници и хипотеки со кои се држат под контрола сите пратеници, министри, но и останатите избрани државни функционери. Исто така, ќе мора да се допрецизира начинот на перманентна  контрола од страна на парламентарната комисија за контрола на УБК и Агенцијата за разузнавање над безбедносните служби. Ќе биде неопходно да се извршат промени во повеќе закони поврзани со издавање на личните документи на граѓаните, како и прецизна регулатива за гласањето во странство.

СОФИСТИЦИРАНА ОПРЕМА ОД ИЗРАЕЛ

ФОКУС: Какви апаратури за прислушување поседува УБК? Дали, евентуално, за опрема за прислушување биле потрошени фантастичните 25 милиони евра (или 40 пати повеќе од планираното) со ребалансот на буџетот во 2008 година?

МИТЕВСКИ: Самиот факт дека министерката за внатрешни работи и директорот на УБК на 3 јуни 2008 година во Тел Авив потпишаа договор за продлабочување на соработката во областа на безбедноста, размената на информации и технологија со израелскиот министер за одбрана, г-дин Ехуд Барак, само се потврдуваат сознанијата дека била договорена набавка на софистицирана опрема за следење на комуникациите со многу голем опфат.

ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ

ФОКУС: Каде се гледате лично повеќе: во Форумот за одбрана на државата од предавници и странски служби или во Форумот на слободоумни патриоти?

МИТЕВСКИ: Од самиот почеток на формирањето на Форумот на слободоумни патриоти се приклучив во неговата работа и се залагам за доследно спроведување на неговите програмски определби. Како најважна би ja споменал нашата сè поголема загриженост за правецот во кој се движи Република Македонија и барањето на излез од тој ќор-сокак. Форумот најенергично се спротивставува на идејата за колективно жртвување во името на некакви „повисоки“ државни интереси, а во принцип, во заднината се личните интереси на поединци.  Во своето дејствување, Форумот, исто така, ќе настојува да се ослободат сите политички затвореници, затворени во монтирани политички процеси, како на пример Љубе Бошкоски, Александар Диневски и други, но и максимална одговорност за креаторите и извршителите на овие процеси и дејствија.

Поврзани новости