Дури и Јохан Тарчуловски заигра на тапанот на Груевски!

by Фокус 10:15
10:15

arhivaТекстот е објавен на 22-ри јули 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 838

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

- Advertisements -

Холанѓаните мислеа дека е во Германија, Германците мислеа дека е во Холандија. А Јохан, гушнат со неговата Соња, слободно шеташе низ падините на Љуботен, и весело потпевнуваше: Ни ОНА није, што је некад била/ ОНА ми је опростила, у мене се заљубила… Оти, претходно, Ахмети му договорил слобода со хашкиот обвинител, затоа што сфатил дека не е праведно, Јохан да кисне во зандани, а амнестираните од ОНА да делат министерски функции. Јако, а?

Ноќ, глуво доба, во ќелијата тесно, во неговата кожа неподносливо. Од Македонија стигнува абер, дека Никола Груевски ги амнестира обвинетите Албанци за воени злосторства во 2001-та. Пастирот прави недопустлив пакт со крвниците, кои меркаат функции по министерствата, а тој си ја крчми младоста во германската зандана. Јохан нервозно скока од креветот. Ледени капки пот му го оросуваат челото, додека бара лист и пенкало од дежурниот чувар. Не може да издржи, не сака да премолчи.

Во името свое, во името на другарите што паднаа за Македонија, во името на нивните несреќни деца, зацрнети жени, мајки… Тој решава да му пише на Премиерот, без оглед на последиците. Та, тој од последиците не се плашеше ни тогаш, кога за Татковината ставаше глава в торба, а не, пак, сега. Јохан знае дека не смее да одмолчи, оти честа е во прашање. И напиша:

„Брату мој бивш, премиеру на Македонија, јас очигледно не се разбирам во политика, па затоа денес сум таму кај што сум. На сопствена кожа научив дека на политичарите не може да им се верува, меѓутоа, ова што го слушам ги надминува сите граници. Бесен сум, оти повторно сум прелажан. Не можам да се изначудам, како можев да поверувам дека ти си различен од другите. Се сеќаваш ли, што ми зборуваше за учките, за аманетот на Македонците кои беа подло убиени од нивна рака, дека со нив не треба ни во иста соба да се седи, а камоли да им се прости или заборави?

За жал, сега гледам дека и ти си ист како и другите политичари. Едно зборуваш, а друго правиш, само фотелјата да си ја сочуваш. Гневен сум, бесен на самиот себе, оти излегов наивен, јас да лежам за Македонија, а вие оро со душманите да виете. Преку глава ми е и од твоето лицемерие. Од денес ти забранувам да го употребуваш моето име во било каква прилика. За посети во затворов, полни со лажни удирања по моето раме, немој ни да сте помислиле. Вие згазивте по моето достоинство, за мене веќе не постоите.

Без почит за тебе,
твојот некогашен Брат Јохан. Точка!“

Писмото стигнува во Македонија. На Илинденска б.б. – штама. Интимно, сите се согласуваат со Јохан, но, кој смее да каже. Пет години власт се минати заедно. Уште четири години ќефови терање се насмевнуваат. Зарем сето тоа треба да се отфрли, заради некои принципи, кои не може да се остварат?! Што ако тие го вратат мандатот? Народот пак ќе ги слави, ама тие повторно ќе дремат во опозиција, заталкани како глуви кучки околу празен контејнер. И, за што? Дали тогаш нема да има амнестија за Хашките случаи? Ма, какви, тоа е првото што Ахмети ќе го добие од Бранко. Бранко?!

Да, како ли само заборавија на проклетникот. За секунда ќе го испуштат од вид, а тој веднаш ќе им забоде нож во грбот. На Илинденска б.б. се вклучени сите сиви келии. После кратко, ама ефикасно користење на мозочната маса, на Влатко му текнува дека извори блиски до министерката Гордана пред три-четири дена го известиле, дека Б.Ц. бил виден на австриската граница во правецот кон Виена. А сите ние добро знаеме дека Виена има доволно голем аеродром, за итро да се провре низ метежот од патници и незабележан од никого да стигне брзо во Хаг кај бившиот наш Јохан. Да, бившиот наш, оти, од него не се очекува наседнување на ефтините Бранкови финти. Кој знае, што ли му има ветено…

Ах, Јохан, Јохан, бездруго низ Мартин бликнала тешка воздишка, пред проклетството холандско да го отера во мајчината. Точно, тоа прво се случи со Љубе, а сега, еве, истото го обзема и Јохан. Каков ли е тој воздух шевенингенски, кој храбрите браќа наши во сестри кукавички ги претвора!?

Не требаше многу, за сите веднаш да сфатат, што треба да се прави. Чиниш, со поглед се договорија. Откако им се разјаснија причините, веднаш им стана и полесно. Им беше криво за Јохан, но, тие направија се што беше до нив. Му платија скапа адвокатска одбрана, редовно го посетуваа во Хаг, на сопругата Соња и обезбедија владина служба, над неговите деца бдееја како над свои… А тој, неблагодарник низаеден, вака им враќа?! Тоа е фала за се што сторија за него?! И, замислете, сето тоа го прави во името на паднатите другари!? Да не станат паднатите, ако не се даде амнестија за Хашките случаи!? О, Боже, колку неразумен човек… И тој станал како оние со киднапираните. Божем утре ќе се појават од некаде, само ако ние им ги осудиме убијците!? Чуден народ, неблагодарен – пред се!

На народот му требаше само едно деноноќие, за да го осуди предавството на Јохан. Откако ги слушнаа анализите на независните партиски експерти, самите почнаа да бараат уште 14 години затвор за човекот, кој лажно им се претставувал за патриот. Рој црни бумбари летаа кон него со светлосна брзина. Ако Хаг не сака, тогаш ние ќе му судиме уште еднаш, заклучи мудриот ем прероден гледач и нервозно ја тресна телефонската слушалка. Тешка мачнина го навјаса прероденото телевизиско студио. Сите се чувствуваа предадени, но, сите знаеја дека и од тешкото има потешко. Во етерот лебдеше прашањето, кое разочараните си го поставуваа тивко во себеси: Нам ни е мачно, ама како ли и е сега на Соња, која толку веруваше во својот јунак? Ах, кутрата, дали и ова премреже ќе клекне пред неа, како што ничкум паѓаа сите претходни?

Телевизијата во преродена Македонија не би била толку ценета, доколку веднаш не дава одговори и на непоставените прашања, кои го разјадуваат срцето на секој чесен гледач. Одеднаш – Брејкинг Њуз. Пред камерите стои Соња, скршена од болка, ама горда како секоја жена македонска. Дали ќе издржи, стискаат палци и стрепат нејзините фанови крај малите екрани. Да, тоа е нашата Соња.

Јавно, пред сите, таа се откажува од неговото презиме и на Јохан му најавува бракоразводна парница. Не може да живее со срамот што и го нанесе нејзе и на децата, кои од денес не сакаат ни да слушнат за него. Не и е лесно, но стиска душа. Би заплакала, но сите солзи веќе на него ги потроши. Низ шепот речиси, со глас одлучен му порачува, дека таа со песна ќе му врати, а Господ веќе ќе знае – како да му плати. Во меѓувреме, додека работи на римите, со тага чемерна соопштува дека песната Предавници и јунаци, создадена после расчистувањето со Љубе, од вечерва му ја посветува нему, на бившиот сопруг. Рефлекторите полека згаснуваат, Соња уште еднаш заминува во легендите, а екранот го исполнува подмолниот, но, за среќа, во последен момент раскринкан лик на Тарчуловски. „До вчера бевте браќа, а сега вака му враќаш…“ од позадината на плејбек пее разочараниот глас на Соња, кој покажува дека таа уште еднаш ја одбрала вистинската страна!

Следниот ден, ниту новинарите немаа душа од Премиерот да побараат било каков коментар. За секој случај, доверливи извори од кабинетот ги брифираа, дека Пастирот не заспал цела ноќ, втренчен пред дилемата: Како можела Соња да знае, а Јохан поим да нема, што е денес вистински патриотизам?

За среќа, сево ова не се случи. Тарчуловски прати писмо со сосема спротивна, од него неочекувана содржина. Ретки се оние што веруваат во неговата автентичност. На тежина добива сомнежот, дека единствениот осуден за 2001-та е сурово понижен од пропагандистите на Груевски, кои на безочен начин го вклучуваат и него во одбрана на неодбранливото – Амнестијата за Хашките случаи да се претстави како патриотски чин, оверен дури и од самиот Јохан. Едноставно, тешко е и да се замисли, а камоли да се поверува во неговите помирителни думи, стигнати од Хаг, иако човекот е веќе две недели во германски затвор!

За жал, сево ова можеше да се случи, доколку Јохан се одлучеше за писмо, какво што конечно и би можело да се очекува од него. Јас, пак, го дадов на знаење, како алтернативна варијанта, за да знаеме дека и од лошото, секогаш може да биде полошо. За да не му судиме строго на Тарчуловски, оти, и тој бездруго знаел што би можело да го снајде. Ова е, конечно, мојот последен повик за вклучување на алармот.

Звучи брутално, само затоа што бруталноста е второто име на актуелната власт. Простете, но немам друг збор за умот, кој, ете, на ваков начин решил да го злоупотреби и Јохан. Се разбира, и тој може да се доживува на секаков начин, но, во никој случај не смее да се изложува на незаслужен потсмев.

Точно, вината е во оние што го смислиле Писмото, за да си ја подзачистат нечистата совест.

Тарчуловски е последниот човек од кој смеат да очекуваат благослов за амнестијата!

*Писмото кое Јохан го напиша, потпиша и испрати тогаш:

image3

image2

image1

Поврзани новости