Се утврдува идентитетот на лицата кои поттикнуваа борба на кучиња во Кавадарци

by Fokus

Видео снимка направена на 5-ти февруари во Тенеќе маало во Кавадарци, а на која се гледа поголема група на мажи кои присуствуваат на борба на кучиња, ја вознемири јавноста откако беше објавена на интернет страницата посветена на општината – Реално Кавадарци.

Видео материјалот е снимен од подалеку, и од она кое може да се види е дека две кучња се борат, а околу нив има десеттина мажи.

Кавадарчани коментираат дека во Тенеќе маало не се ретки ваквите немили настани и апелираат до сите надлежни институции да се истражи случајот.

Инаку, снимките ги направило лице кое сакало да остане анонимно, а „Фокус“ истиот ден ги достави до СВР Велес.

За случајот е запознато и Основно јавно обвинителство Кавадарци. Од таму ни изјавија дека и тие ја алармирале полицијата, а полициски службеници излегле на местото на настанот.

-Од снимката не може јасно да се видат лицата на луѓето кои се снимени, па дури и точно не може да се утврди дали станува збор за организирана борба со кучиња. Полициски службеници излегле на самото место по пријавата, но луѓето повеќе не биле таму. Се вршат разговори, со цел да се утврди нивниот идентитет. Засега нема предмет, ако се утврди идентитетот, по документирање на сите материјали, ќе се поведе соодветна постапка-велат од обвинителството.

Апелираат лицата кои се сведоци на слични настани, и кои истите ги снимиле, да се охрабрат и лично да пријават во полиција, и таму да ги достават оригиналните снимки, со цел да се помогне во решавање на случаите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости