Се повеќе интелектуалки стануваат зависници од алкохол

by fokus

Меѓу жените зависнички од алкохол последниве години се зголемува бројот на профили на жени кои се интелектуалки, со високо образование и на високи позиции во општеството. Причина за се почестото посегнување по чашката алкохол, сметаат психолозите, е стресниот и динамичен живот.

Според невропсихијатарот Павлина Васкова, раководител на одделението за третман на зависници од алкохол во ЈЗУ Психијатриска болница во Бардовци, унапредувањата на работното место и професионалниот успех со себе носат голем притисок и стрес, па неможејќи да ја поднесат таа пресија жените интелектуалки почнуваат со пиење на алкохол.

-Во минатиот период, меѓу зависничките од алкохол најбројни биле домаќинките, невработените жени и оние со ниско ниво на образование, но денес ситуацијата е променета. Податоците покажуваат дека повеќето жени почнуваат со зголемено пиење алкохолни пијалаци на возраст од 31-40 години, по што следи возрасната група од 21-30 години. Се наметнува заклучок дека ова е период кога најголем дел од жените основаат семејство, раѓаат и одгледуваат деца, решавајќи ги и другите животно-егзистенцијални прашања – истакнува д-р Васкова во интервју за МИА.

Како најчеста причина за појава на зависност од алкохол, вели таа, се јавува депресивното расположение и чувството на ниска вредност кај лицата од женски пол.

Генерално земено, вели Васкова, женскиот пол е почувствителен на алкохол и со поголеми штети од физички и ментален аспект, за разлика од мажите и со многу покомплицирани последици.

-Меѓу многуте причини за алкохолизмот кај жените, најчестите се алкохолизам во семејството, конфликти во семејството, развод, осаменост, болест… Во најголемиот број случаи, алкохолизамот кај жените е симптоматски, што значи дека тој е само знак на некои други нарушувања и проблеми, најчесто депресивен синдром. Алкохолизмот на подолг временски рок предизвикува голем број на сериозни здравствени проблеми, како што се цироза на црниот дроб, труење со алкохол, срцеви заболувања, болести на бубрезите и цела низа на психички нарушувања, од кои најчеста е психозата – наведува д-р Васкова, пренесува МИА.

Се смета дека во Македонија има 60.000 до 80.000 зависници од алкохол. За жал се лекуваат само еден отсто. Околу 80 отсто од извршеното семејно насилство е проади конзумирање на алкохол, додека 78 отсто од сообраќајните несреќи се случуваат под дејство на алкохол.

 

Поврзани новости