Се надеваме состојбата ќе се стабилизира, и во 2024 година ќе се вратиме на Евровизија, порачаа од МРТ

by fokus

Откако директорот на јавниот сервис МРТ, Марјан Цветковски откри дека Македонија нема да учествува на Евровизија 2023 која ќе се одржи во Ливерпул, бидејќи немале пари за настанот, и МРТ официјално ја потврди веста за откажувањето на учеството.

Како што е наведено во соопштението, не била платена ниту котизацијата, која до лани изнесувала околу 40.000 евра, а годинава се очекувало сумата да биде повисока.
Појаснуваат дека сепак ќе има пренос од манифестацијата, и се надевале дека во 2024 година состојбата ќе се стабилизира, по што Македонија повторно ќе земела учество на музичкиот натпревар.

-Македонската Радио Телевизија ја информира јавноста за донесената одлука, идната година да не учествува на Изборот за песна на Евровизија што ќе се одржи во Обединетото Кралство.

Ваквата одлука е во најдобар интерес на граѓаните, имајќи ги предвид зголемените трошоци поради енергетската криза, коишто зафаќаат голем дел од буџетот на Јавниот сервис, како и зголемената котизација за самото учество на „Евросонг 2023“, којашто до минатата година изнесуваше 39.143,00 евра, а идната година се очекува да биде повисока.

Оваа одлука ќе овозможи заштеда на средства коишто би требало да бидат издвоени за престојот на македонската делегација во Ливерпул, кадешто се одржува Евросонг 2023.

Но, МРТ на своите сервиси ќе ја пренесува манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале. МРТ се надева дека состојбата ќе се стабилизира, по што земјава повторно ќе се врати со учество на Евровизија во 2024 година- информираат од јавниот сервис.

Вики Клинчарова

Поврзани новости