Се гради зграда на една од парцелите додека новиот урбанистички план за Кисела Вода е во фаза на јавна анкета

by fokus

Додека предлог деталниот урбанистички план за градската четврт спроти Дом на слепи во општина Кисела Вода е во фаза на јавна анкета, на една од парцелите веќе е започната изградба на зграда. Дел од граѓаните прашуваат како може да се почне со изградба кога ДУП-от се уште не е усвоен. Од општина Кисела Вода за „Фокус“ објаснуваат дека дозволата за градба е издадена според стариот урбанистички план кој се уште е активен.

-Одговорните лица од Секторот за урбанизам и просторно планирање, не известија дека се додека не се донесе новиот Предлог план, кој е во фаза на јавна анкета и кој ја опф​аќа и наведената локација која ја посочувате, на овој опфат има активен Урбанистички план кој е донесен со одлука бр.17-141/3 од 15.11.2013 година. Со оглед на тоа дека има активен Урбанистички план, законски мораме да издаваме одобренија за градење согласно активниот урбанистички план, велат од Кабинетот на градоначалникот Филип Темелковски.

Новиот предлог урбанистички план и парцелата на која веќе се гради

 

Темелковски пак, во изјава за „Фокус“ вели дека се сомнева дека граѓанските иницијативи кои ги актуелизираат овие теми во јавноста и кои пуштаат вакви информации се навистина граѓански.

-Мислам дека опозицијата ги пушта ваквите информации кои всушност се лажни вести и дезинфромации. Општината има дефинирани постапки по кои работи и за таа четврт има активен урбанистички план од 2013 година, вели Темелковски.

Општина Кисела Вода во последниот период стана актуелна во јавноста по новите предлог детални урбанистчки планови кои предвидуваат изградба на многу повеќе згради на неколку локации низ општината. Една од тие локации е и Расадникот, како и локацијата спроти Дом на слепи.

К.С.Б.

 

Поврзани новости