Рот од Тирана: Знам дека многумина од вас се разочарани од ЕУ

by fokus

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, кој попладнево допатува во Тирана, по средбата со премиерот Еди Рама рече дека Албанија има многу постигнувања, како и Северна Македонија, во исполнувањето на условите поставени од Европската унија.

-Знам дека многумина од вас се разочарани од ЕУ, од она што се случи во минатото. Но, можеме да кажеме дека Албанија, исто како и Северна Македонија, постигнаа многу. Очекуваме Европската комисија да донесе позитивна одлука, рече Рот на заедничката прес конфренција со Рама.

Сепак, додаде тој, „има уште многу да се направи: правна држава, функционален правосуден систем… “.

Министерот Рот го пофали справувањето со пандемијата со Ковид-19 во Албанија и истакна дека „мора да се поддржуваме едни со други“.

– Мерките за изолација не ни помагаат, сите треба да се поддржуваме едни со други. Заедничката стратегија е поддршката да биде реципрочна. Ветувам поголема ангажираност од сите држави. Ако Албанија е успешна, тогаш тоа е и наш успех, важно е да се отстранат предрасудите, додаде Рот.

Тој не заборави да му честита на Еди Рама за победата на парламентарните избори на 25 април.

-Изразувам честитки до премиерот, кој со својата партија постигна многу добар резултат. Потребни ни се храбри политичари кои се подготвени да градат мостови, рече тој.

Премиерот Рама на заедничката прес конференција оцени дека Албанија многу долго чека пред вратата на ЕУ, но оти „сега тој е смирен, бидејќи Албанија ги заврши своите обврски“.

Поврзани новости