Родовата нееднаквост во платите и натаму присутна: „Еднаква плата за иста работа“ останува недостижен стандард

by irena 12:21
12:21

По повод Меѓународниот ден на еднаква плата, Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) потсетува дека родовиот јаз во платите останува сериозен и траен предизвик и покрај фактот што принципот „еднаква плата за иста работа“ е воспоставен уште во 1957 година со Договорот од Рим, и подоцна зајакнат преку директиви на Европската Унија.

Иако законските рамки, како во ЕУ, така и во Македонија формално ја гарантираат еднаквоста во платата, праксата покажува дека реалноста е далеку поразлична. Родовата еднаквост, како еден од 20-те клучни принципи на Европскиот столб за социјални права, вклучува не само еднаква плата, туку и еднакви можности за напредување, родителско отсуство и баланс помеѓу работата и приватниот живот. Сепак, прашањето останува: дали тоа важи за сите?

Жените на глобално ниво заработуваат околу 20% помалку од мажите или за секој 1 долар што го заработува маж, жената добива само 80 центи. Во Европската Унија, просечниот родов јаз во платите во 2023 година изнесува 12,7%, со најголем јаз во Латвија и тоа 19%, додека во Луксембург жените заработуваат нешто повеќе од мажите.

Во Македонија, родовиот јаз во платите во 2022 година изнесува 13,5%, според податоците на Државниот завод за статистика. Просечната годишна бруто-заработувачка на мажите изнесува 615.725 денари, додека кај жените 532.625 денари. Најголемата разлика е кај вработените на возраст од 45 до 49 години, а парадоксално, најизразена е токму кај лицата со високо образование.

Овие разлики се резултат на комплексен сплет фактори: помала застапеност на жени на раководни позиции, поголема концентрација на жени во пониско платени сектори, како и фактот дека 80–90% од примателите на минимална плата се жени. Притоа, и хоризонталната и вертикалната сегрегација го ограничуваат пристапот на жените до подобро платени позиции и унапредувања.

„Овие разлики не се само прашање на правичност, туку и на економска рационалност. Во 2022 година, само 37,9% од жените биле вработени, наспроти 53,2% од мажите, а дури 57,2% од жените воопшто не биле активни на пазарот на труд. Според проценките на Меѓународната организација на трудот, намалувањето на родовиот јаз во учеството на пазарот на труд за 25% до 2025 година би донело глобално зголемување на БДП за 3,9% или 5,8 трилиони американски долари. Јасно е дека жените претставуваат најголемиот неискористен потенцијал за економски раст,“  стои во соопштението од GEA.

С.Т

Слични вести