„Рецка не ни мавате“, се жалат од ВМРО-ДПМНЕ во Собрание

by fokus

Парламентот денеска на пленарна седница изгласа одлуки за објавување на оглас за избор на нови функционери. Се бараат нови членови за програмскиот совет на МРТ, нов член на Советот на АВМУ, нов заменик директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци, нов член на Комисијата за одлучување во управна постапка и двајца нови членови како и заменик претседател на Комисијата за слободен пристап до информаци од јавен карактер.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, се пожалија на седницата дека предлог одлуките за објавување на јавните огласи им биле доставени во последен момент.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, реагираше на ова како претседател на собраниската Комисија за избори и именувања. Тој рече дека требало да биде информиран пред да бидат поднесени точките. Ја обвини власта велејќи дека за неа постои само педала за гас, но не, како што рече, кумплунг и кочница.

-Точките стигнаа пред 5 минути, недостасува нормална комуникација за што се надлежни луѓето кои го раководат ова Собрание. Ниту јас сум информиран, ниту координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски дека се планира денеска да се стават овие точки. Не дека не треба да се стават, но малце се залетува работата. Каква- таква сепак сме опозиција, но треба да се почитува редот. Колку повеќе не цените мислење на опозицијата, толку брзо ќе се распаднете како власт – му порача Димовски на владејачкото мнозинство.

Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратеничката група ги добила известувањата за овие точки десетина минути пред почетокот на седницата.

-Нема логика зошто ова се прави. Рецка не ни мавате, а велите дека треба да има конструктивна опозиција. Што влијание имаме ние во процесите – рече Илијоски.

Сепак, владејачкото мнозинство ги изгласа точките по што следи објавување на јавните огласи за избор на новите функционери.

Поврзани новости