Повеќе од две третини од пратениците гласаа Законот за Антикорупциска да се разгледува по скратена постапка

by fokus

Предлог Законот за спречување на корупција и судир на интереси најверојатно ќе го има потребното двотретинско мнозинство, ако се има предвид дека попладнево повеќе од две третини од пратениците гласаа законското решение да се разгледува по скратена постапка. Вкупно 84 пратеници го дадоа својот глас, по што текстот ќе биде пратен на разгледување во матичната комисија, а во 15.30 е закажана седница на која Законот повторно ќе биде ставен пред пратениците на конечно гласање.

Министерката за правда, Рената Дескоска, ја обвини опозицијата дека не сака да даде поддршка за Законот, затоа што, рече, не и одговараат одредбите според кои Антикорупциска комисија во иднина ќе го контролира финансирањето на партиите.

-Свесна сум дека одредени поединци и политички групи имаат страв од храбри решенија содржани во Законот, како што се одредбите за финансирање на политичките партии и контролата врз политичките партии. Ве повикуваме прво да ја поддржите потребата за донесување на овој Закон по скратена постапка за да овозможиме на следните претседателски избори да имаме Комисија која ќе има контрола врз финансирањето на изборните кампањи и трошоењето на државните средства – рече Дескоска.

На тоа реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој рече не сакаат да ја кочат реформата.

-Несериозно е во првата реченица да настапите дека некој сака да ја блокира ова седница и дека е против донесувањето на овој закон. Не сакаме да ја кочиме реформата, сакаме да учествуваме, но реагираме на ставањето европско знаменце. Доволно беа напаѓања, дајте ни начин да учествуваме – рече Мицевски.

Инаку, закон ќе оди по скратена постапка и со европско знаменце со цел да се донесе што е можно побргу.

Со Предлог законот се зголемуваат ингеренциите на Антикорупциска комисија, која до сега важеше за партизирано тело кое не си ја врши својата работа. Одредбите од предлог законот предвидуваат антикорупционерите отсега да го следат финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборните кампањи, што до сега не беше случај.

Како новина е и тоа што Комисијата ќе може да прави директен увид во сметките на политичарите, но и да покренува постапки пред надлежните органи за наодите во ревизорските извештаи.

Со новото законско решение се зголемуваат и критериумите за избор на членовите и претседателот на комисијата. Членови на Антикорупциска повеќе нема да можат да бидат оние кои во изминатата деценија биле пратеници, членови на Владата или функционери во органите на политичка партија, а не ќе можат да се кандидираат ниту донатори на некоја политичка партија.

Последниот услов е воведен пред се поради последниот претседател на Комисијата, Игор Тантуровски, кој четири години пред да биде избран за претседател на Антикорупциска се појавил во списокот на донатори на ВМРО ДПМНЕ.

Поврзани новости