Ресторани во Ресен самоиницијативно ставаат клуч во наредните две недели, 14 нови случаи на Ковид-19 за еден ден!

by Fokus

Откако пред четири дена во Ресен беше забележан првиот позитивен случај на корона вирус, бројката на новоинфицирани започна нагло да расте. Денес од МЗ информираа за нови 14 случаи, а според градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, најголемиот број на заразени се асиптоматски случаи, вработени во угостителски локал, каде пред два дена беше регистриран позитивен случај, лице вработено во ресторанот.

-Во Ресен граѓаните се придржуваат на мерките и препораките уште од почетокот на епидемијата. Првиот случај беше регистриран на 10-ти јуни, по што во наредните два дена следуваа уште два нови случаи. Помеѓу нив имавме едно лице кое е вработено во угостителски локал, каде потоа беа тестирани сите вработени. Се работи за над 40 лица, бидејќи во склоп на фирмата функционира локалот, но и фабрика за производство на мед. Поголемиот дел од новите 14 лица се всушност вработени во ресторанот, значи позитивен е голем дел од перосналот како и луѓе кои работеле во кујната. Првиот позитивен од локалот пројавил симптоми, па поради тоа побарал тестирање, додека останатите засега немаат никаков симптом – за ,,Фокус” појаснува градоначалникот.

Исто така, информира дека и во средното училиште ,,Цар Самоил” е регистрирано лице позитивно на вирусот пред два дена, по што целото училиште било дезинфицирано и не постоел ризик запишувањето на учениците да се реализира во објектот.

-Во наредните денови очекуваме бројот на новорегистрирани случаи во нашата општина да расте. Морам да ги пофалам граѓаните кои се доста совесни, посебно по појавата на првиот случај. Низ општината се забележува слаба раздвиженост, се почитуваат мерките, нема групирања. Благодарен сум поради тоа и апелирам да се продолжи така и во иднина, со високо ниво на свест. Добив информација дека поголемиот дел угостители во Ресен самоиницијативно ги затворија локалите, и така ќе остане во наредните две недели. Грижата за колективното здравје мора да биде приоритет – изјави Гошаревски.

Најави дека утре ќе се состане Кризниот штаб, а на состанокот ќе присуствувале и лица од Центар за јавно здравје Битола.

-Ќе предложиме дополнителни мерки, во постојан контакт сум и со министерот за здравство Венко Филипче. Со заеднички сили ќе ја надминеме оваа состојба – порача тој.

Вики Клинчарова

Поврзани новости