РАЗУМЕН СОМНЕЖ: Жртви на системот

by fokus

Она што го научивме од судењето „Рекет“ е дека нашиот судски систем продуцира жртви. Камчев – жртва, која морала да плаќа милиони и да пријави рекет по дури два месеца. Мијалков од угледен бизнисмен, ова расипано судство го сведе на едно казино и ланец кладилници. Заев како премиер смета дека судиите се расипани, освен оние кои го ослободија за неговите дела. Груевски вели судството е под политички притисок, со исклучок на Врховен суд каде што се без притисоци

Јанаки МИТРОВСКИ

 Nobles care about prestigepriests care about pietyeverybody cares about gold

Предновогодишната и предизборна забава преточена во судењето за случајот „Рекет“ започна. Актерите се на место, сценариото наместено, режисерот час познат, час не. Дел од учесниците се жалат на здравствени проблеми, дел сакаат да елаборираат по половина час пред камера, како биле преработени од режисерот.

Ако во периодот пред да започне судењето, јавноста се забавуваше со секојдневното при умирање, како започна судењето здравствената состојба на Јовановски значително се подобри. Ако на првото судење се појави видно изменет, со црни подочници (за тоа подоцна) и израз на ликот како во најлошиот хенговер, на второто судење Боки беше во форма. Се разбира, откако дојде редот за вкрстено испрашување.

Иако претходно го придржуваа додека се движи, на последната расправа Боки грмна, искалкулирано извлекувајќи од Камчев доволно, колку да ѝ стави до знаење на владејачката партија – дека не планира да биде единствената будала што лежи затвор во оваа држава.

ТРЕДИЧИ НЕ Е ГЛУПАВ

Мислете што сакате за него, од кичерај до дубиозен, Тредичи не е глупав. Знае тој колку е часот, особено откако Кичеец (кој ќе сведочи против него) и во такви околности доби три години затвор. Тој и Јанева се во домашен притвор, а Бојан во Шутка, па не му е тешко да си пресмета дека ќе јаде седум-осумка.

Затоа беше инсистирањето од устата на Камчев да излезе, и за првпат во јавноста да се конкретизира министерско име – Венко Филипче. Секако, првиот човек на „Орка“ побрза да ја маргинализира појавата на Филипче и да го релативизира состанокот со Боки, на кој бил присутен првиот човек на македонското здравство, но ова отвори многу прашања.

А токму на тоа и целеше Тредичи – да открие доволно за да предизвика загриженост, а не премногу за да не предизвика поплава, во која тој прв ќе се удави. Па, дури и во кофа. Затоа му беше круцијално да го чуе името на министерот, неколкупати повторувајќи го прашањето до Камчев. Пораката е пратена.

Секако, Јовановски ги немаше „десетте на ден“ нагони за повраќање, додека вкрстено го испрашуваше Камчев. Исчезнаа и језивите црни подочници, за кои мој клиент, екс затвореник тврди дека се правени од главите на чкорчиња.

Мој, пак, извор од Шутка се колне дека на Боки секој ден му се носат пастрмајлии во затвор (секојдневното носење храна за притворениците е  дозволено), па можеби од премногу штипски специјалитети му се повраќа дузина пати на ден.

ПИКАНТЕРИИ ОД СУДНИЦА

Главниот актер на сагава, Орце Камчев максимално си го искористи довереното време од режисерот за селективно да ги инкриминира тие што му одговара да ги инкриминира, или оние кон кои негува одмазднички чувства, а да ги заштити оние кои сака, или му е наложено да ги заштити.

Покрај веќе познатите моменти за Јанева и Јовановски, Камчев особено ги верглаше обвинителката Лиле Стефанова, која наводно преку бизнисменот Чифлиганец барала огромен дуќан за својата ќерка, а сметката да ја плати токму Камчев.

Ваквите приказни не ја одминаа, ниту судијката Весна Димишкова, која одреди, па укина притвор за Камчев. Тој, пак, тврди дека единствената причина за тоа е што не го исплатил братот на судијката, адвокатот Васил Димишков. Јас навистина не знам дали Димишкова или Стефанова го сториле тоа што го тврди Камчев, но она што го знам е дека Стефанова во мрачно време Грујово ги водеше СИТЕ предмети на ЈО за организиран криминал, кои имаа политичко-одмаздничка нота. Како таа заврши во СЈО, немам одговор, а од оваа дистанца, не ми е ниту потребен.

Нималку не е случајно што сопругата на Камчев имала покачена температура. На Камчеви им е потребно нивните сведочења  да бидат во два, а не во еден ден, како тежината на нивните сведочења би биле продолжен притисок. Оваа недела ќе гледаме уште едно двочасовно сведочење, пикантерии, и полчасовно перчење пред камера штом рочиштето заврши.

ПРЕСУДА ПРЕД ИЗБОРИ 

Во владејачката партија и тоа како има загрижени од рочиштата и сведочењата. Како ли да го вадат „тринаесетка“ да не доотвори уста. Дали да замине во домашен притвор, или да се „удави во кофа?” А и периодов мајке му зезнат, пред избори, па секоја од варијантиве негативно ќе се одрази на СДСМ.

Затоа до изборите може да се очекува пресуда со релативно високи казни за Јанева и Јовановски, но тие се неправосилни, а како што јавноста веќе научи, не се стасува лесно од пресуда до Идризово, особено за обвинети од тој калибар.

Но, она што сите научивме од ова судење е дека нашиот судски систем продуцира жртви. Орце Камчев-жртва која морала да плаќа милиони и да пријави рекет по дури два месеца. Сашо Мијалков од угледен бизнисмен, ова расипано судство го сведе на едно казино и ланец кладилници. Ништо, сича.

Зоран Заев како премиер смета дека судиите се расипани, освен оние кои го ослободија за неговите дела. Никола Груевски вели судството е под политички притисок, со исклучок на Врховен суд каде се без притисоци и сѐ уште му играат како што им свири токму тој.

Се жртва до жртва, ги разболеа луѓево, влечејќи ги секој ден по судења. До тој степен да немаат време во затвор да влезат!

Поврзани новости