Мицковиќ за Фокус: Моделот на поделено и заедничко родителство Европа го воведе пред 30 години

by Fokus 18:16
18:16

Во Македонија законот за семејство е донесен во 1992 година и до денеска нема претпрено никакви измени во однос на вршењето на родителското право, иако во другите држави во изминатите децении се направени не една, туку две значајни реформи, вели Дејан Мицковиќ, професор по семејно и наследно право од  Правниот факултет.

-Согласно нашиот закон, родителското право припаѓа на двајцата родители и родителското право го вршат заеднички и спогодбено и тука нема спор, тоа се случува во другите земји. Но проблем се јавува што кај нас концептот за вршење на родителско право не е до крај предвиден по разводот на брак. Во случај на развод на брак детето се доделува на чување и воспитување, што е суштина на родителското право, на едниот родител, а другиот родител има обврска да плаќа издршка и да одржува лични контакти со детето, вели Мицковиќ.

- Advertising -

Тој објаснува дека овој модел во другите европски земји е модел што е напуштен пред 30 – 40 години, а првата реформа која што била направена во европските држави и таа почла некаде во 80-тите години на минатиот век, беше експлицитно предвидување во законот дека и по разводот на брак или престанок на вонбрачна заедница, родителите заеднички го вршат родителското право.

-Таква одредба во нашиот закон за семејство нема. Заедничко вршење на родителското право подразбира носење заеднички одлуки за детето, училиште медицинска интервенција итн, тој концепт во Македонија не е прифатен бидејќи тука по развод на брак во законот како што кажав нема, вели Мицковиќ.

Модел на поделено родителство или заедничко вршење на родителското право

Според Мицковиќ, втората реформа која ја направија европските држави беше воведување на моделот на поделено родителство, а треба да се врши разлика меѓу заедничко вршење на родителското право и поделеното родителство.

– Заедничко вршење на родителското право подразбира подеднакви права и обврски, двајцата родители заеднички носат одлуки, додека пак овој другиот модел покрај заедничкото носење на правата и обврските предвидува детето подеднакво или приближно еднакво време да поминува кај едниот или другиот родител, се работи за различни концепти. Овие две реформи се воведени изминатите децении, а ние заостануваме многу бидејќи како и во другите земји така и во Македонија, во ЕУ се склучуваат 2,2 милиони бракови, а еден милион разводи, во Македонија на пример во 1995 година имало само 710 разводи, а сега по 20 години имаме над 2000 разводи, но тој процент постојано ќе се зголемува бидејќи според бројките сме под европскиот просек.

Македонија во рамките на едно големо европско истражување спроведено од 1990 до 2000, заедно со БиХ имаше најмала стапка на разводи во Европа, но тоа не значи дека ситуацијата е иста, сега имаме услови за драматичен пораст поради промените во семејството, бидејќи кај нас доцнат тие процеси.

-На 2000 разводи и потенцијал на зголемување на оваа бројка се соочуваме со застарен модел на вршење на родителското право, а сите истражувања во Европа покажуваат дека во минатото децата на разведени родители покажале некои девијантни однесувања и потешко прилагодување во општеството и поминуваат полошо од останатите деца, психолошки проблеми и самите почесто се разведуваат штом ќе склучат брак. Како резултат на овие истражувања во Европа, бидејќи во Македонија нема никакви истражувања изминатите годиниа, најчесто во буџетот никогаш нема доволно пари, причина за промените кај децата по развод на брак не се социоекономските проблеми, туку главниот проблем е губењето или намалениот контакт со другиот родител и токму заради тоа, останатите земји ги направиле овие реформи, со цел детето да има поголеми интензивни контакти со двајцата родители. И двајцата родители и покрај разводот да ја вршат својата основна функција, чување воспитување и социјализација на детето, појаснува Мицковиќ.

Ако им мислиме добро на децата, мора да има промени

Тој апелира до законодавците дека ако нашиот примарен интерес е заштита на правата на детето ние недвосмислено мора да ги направиме овие реформи, бидејќи многубројните истражувања покажуваат дека детето што живее само со едниот родител за разлика од оние кои имаат почести контакти со другиот родител, поминува полошо отколку она што има два дома.

-Ние немаме финансии па се повикуваме на истражувања од надвор, но не се нашите деца многу поразлични од другите по ова прашање. Сепак нашето законодавсто и праксата ја покажуваат вистината, една од најспорните точки при развод е токму вршењето на родителското право и најмногу судски процеси имаме по ова прашање, недоволна комуникација, неплаќање издршка, лоша комуникација на родиелите при и по разводот што во иднина се одразува на детето, а тоа е многу голем проблем бидејќи и по разводот на бракот нивниот конфликт продолжува и тоа многу често преку децата. Затоа се залагаме за воведување на родителски план, заеднички се децата и при разводот треба да се внимава на родителскотот право, секако освен во екстремни случаи, насилство и други проблеми. Кај кого ќе останат, колку често ќе биде контактот, како ќе се организира заедничкотот родителство, ако не е така кој ќе плаќа издршка, колку ќе изнесува издршката, значи тука да се земат и вклучат сите примања на родителот, односно целокупната материјална и финансиска состојба на родителот, а не како досега само платата. Затоа е потребна реформа и кај издршката во тој случај ја плаќа или државата или локалните власти но детето редовно да добива издршка, а потоа државата го решава проблемот со родителот кој не плаќа, кај нас и тоа не е регулирано, вели Мицковиќ.

Родителски план и советување по развод

Според него родителскиот план родителите би требало да го прават заеднички со поддршка од ЦСР, ако не можат меѓусебно да се договорат, а може да се формира и ново тело како и посебно советувалиште за брак и семејство бидејќи имаме се повеќе разводи, дифункционални семејства и ЦСР се преоптоварени со најразлични обврски .

-Согласно истражувањата подобро за детето е да има контакти со двајцата родители по развод на брак, согласно проблемите кои многу често се јавуваат во пракса при развод на брак, ние имаме и пресуда од Еввропскиот суд за човекови права против Македонија која укажува на нефункционалност на системот и по 7 одлуки на ЦСР, родителот не можел да си го види детето, каде македонија е осудена поради нефункционалност токму во делот на вршење на родителкото право. Тргнувајќи од овие сознанија ние се залагаме за коренита реформа во овој дел од законот за семејство. Прашањата што се од животн интерес не само ова некако не го допираат толку многу законодавецот, долго време сме фокусирсни на реформи на судството, а ни тие не се случлуватт, а ова е конкретно поврзано со интересите на децата и не добива соодветно внимание, вели професорот.

Тој објаснува дека по разводот на брак потребно е да има сериозна едукација, да биде задолжително и да им се укаже што треба да прават по разводот за добробит на детето. МТСП и Министерството за правда мора да се зафатат со промена на Законот за семејство, овие реформи ќе овозможат усогласување на нашето законодавство со Конвенцијата на ОН за правата на детето и со генералните тенденции во регулирањето на вршењето на родителското право по разводот на брак во европските земји и ќе обезбедат поголема заштита на правата и на интересите на децата во случај на развод на брак на нивните родители, промени кои дури и некои балкански земји како Словенија и Хрватска веќе ги применуваат.

Соња Танеска

Поврзани новости