Распукала цела татковина

by lali 09:32
09:32

По повод јавувањата за последниот инцидент со мотиви на етничка нетрпеливост, околу една песна во Скопска чаршија, размислував како и колку често ваквите случаи се прецизно дефинирани и препознаени, а колку се губат во други дела од друга природа и мотиви. Тоа, пред сѐ, поради тенденцијата често случаи од сосема друга природа да се наведуваат како меѓуетнички односи, дела од етничка омраза или дела сторени од некој етнички мотив. Тоа, пред сѐ, поради фактот дека токму таквото ставање во еден кош на сите дела кои се направени оди кон различни етнички заедници често во Македонија се прикажуваат како дела кои спаѓаат во меѓуетнички односи, без притоа тие да имаат врска воопшто со тоа.

ИНТЕР-ЕТНИЧКИ, ИНТРА-ЕТНИЧКИ, МАНТРА-ЕТНИЧКИ

- Advertising -

Чинам дека токму таквото замаглување помага вистинските злодела во таа сфера да останат непрепознаени. Така често се повторува мантрата за меѓуетничките односи и тогаш кога тоа воопшто не се однесува на нив, како што е тоа во случаите на криминал и политика. Дури и кога таквите случаи во голем дел се и интра-етнички поради големото учество на двете најголеми заедници во вкупниот број на граѓаните на земјата. Два народа, кои, ете, ни песните не ги разбираат, па најверојатно распукањето го читаат или слушаат како агресија од „другиот“ за нешто „свое“ како Шар Планина. Но, чинам дека со прецизно одвојување ќе останеше работата на песна и на Шар Планина, вака испаЃа „распукала цела татковина“.

Така, не одвојувајќи криминал и дела од етничка омраза, ни се замаглуваат Радишани и Ѓорче Петров, а искажаното незадоволство од страна на граѓани Албанци по повод некои пресуди се прикажува како нарушување на меѓуетнички односи итн. Дури достојно за коментар од страна на премиер на национален празник?! А што има меѓуетничко во тоа кога се прикажува гнев кон една, таа истата обвинителка, која само пред некоја година ја затвори најмакедонската телевизија? (Да. А1 беше тоа, а за вистинската перцепција прашајте ги и другите како ја гледале.) И што има меѓуетничко кога еден од најголемите успеси на полицијата беше всушност одбрана на „албанската“ Општина Чаир, а можеби и последователните пресуди за демонстрантите се токму околу тоа?! Затоа често тука, нештата сврстани во интер-етнички односи се интра-етнички а се претвораат во мантра-етнички!

УЧЕСТВО ВО ТОЛПА ИЛИ КАСА-ПРИМИ ВО КОРПА?

Освен прецизно препознавање овде недостасуваат и прецизни обвинувања. Замислете само колку е непрецизно и опширно обвинението „учество во толпа“. Ако по такво топтан обвинение се осудени луѓе на по три години, колку ли по тоа исто обвинение утре ќе пресуди некој друг за „учество во толпа“ која ја киднапирала или ја злоупотребила државата? Изгледа далеку тој ден, но тој дојде многу брзо во Хрватска каде што беше осудена цела една политичка партија и во Украина каде што токму партијата прва мораше да се дистанцира од Јанукович. Со напомена дека таму немаше толку убав министерски ракопис како овој во „каса-прими“-те, кои се во оптек во јавноста.

КОЈ ГЛУМИ ЛУДИЛО, КОГО ГО ФАТИЛО БЕСНИЛО?

Во земја во која има малку вести од политика, а многу од црна хроника, како што е случај во Македонија, заради слободата на медиумите, тие две рубрики сѐ повеќе се испреплетуваат. Тоа се случува и во многу работи во меѓуетничките односи и за наш најголем жал дури и во верата и религијата. Така немајќи асолен и адекватен пристап од страна на медиумите кон религијата, ни се случува, црната хроника и политиката, една од најголемите шеми на владеење и пљачкосување, да биде обелоденета само во рапортот на Стејт департментот за религиските слободи. Тоа беше случајот со аџискиот арач кој секоја година ја зема некој во ИВЗ од своите верници, но кои, исто така, се и граѓани на оваа земја. Оваа позамашна сума од продавање на бесплатни саудиски визи која е некаде до 20 отсто од вкупниот аранжман за аџилак е заведено дека е овозможена преку тесна врска со владата. Освен што треба да се подигне прецизно обвинение по допрен глас за ова редовно катагодишно пљачкосување на граѓани од Македонија, многу е важно и да се дознае која тоа страна на власта соработувала со ИВЗ во таа операција? Да се знае конечно дали некој во јавноста глуми пријателство или непријателство, а всушност им овозможува таму на една нелегитимна врхушка во ИВЗ да, без никаков документ, таму дури и без „каса прими“, влече секоја година некаде близу милион евра?!

Овој дел во дводелна влада е многу важен зашто ако е тоа ДПМНЕ тогаш џабе глумење непријателство со приредување ифтари без ИВЗ и присуство на бајрам само со Амди Бајрам. А џабе и на другиот дел ДУИ, кој со заедничко сликање глуми пријателство со ИВЗ, а милион евра годишно се речиси пола буџет на некое министерство предводено од ДУИ!?

Поврзани новости