Распетие на Жерновски според партиското евангелие на Груевски

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 12-ти јули 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 927

Пишувале
Мери ЈОРДАНОВСКА
Владо АПОСТОЛОВ

Приказните дека Македонија е библиска земја од секогаш сме ги сметале за рамни на тврдењата дека Србите се небесен народ, а и денес сме на истото гледиште и покрај ноторниот факт дека нашето непризнаено име навистина се спомнува во Библијата.

Сепак, ќе ни дозволите да се пошегуваме, а вистинските рисјани веројатно и ќе ни простат што ќе речеме дека Македонија денес повеќе од кога било е библиска бидејќи тука, 2013 лета по рождеството Христово никна уште едно евангелие, но овојпат по сценарио и по режија на нашиот „пастир“, Никола Груевски. Новиот завет знае за четири евангелија, книги во кои учениците на Исус ги раскажале неговите живот и страданија, но петтото сведоштво се однесува на патот којшто годинава го изоде градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски. Да, ваистина е, власта успеа за само неколку месеци од обичен лидер на малата ЛДП да направи маченик и опозициски херој!

Тешко е да најде друг пример, на кои било избори, ем постизборно, во изминативе 23 години, да била употребена таква тешка артилерија против некој кандидат за градоначалник односно градоначалник, како што видовме во „житието“ на Андреј.  До толку им значел Центар на ВМРО-ДПМНЕ, што при безмалку 99 отсто освоени општини уште во првиот круг, максимално се посветија со срце и душа против Жерновски! Мора нешто да е од животна важност за преродбата „скриено“ во Центарот!

ЦРНА КАМПАЊА

Нашето центарско евангелие има три дела. Во првиот том може да се сместат сегменти од црната кампања што владејачката партија ја водеше против Жерновски потпомогната од сите можни државни институции и провладини медиуми. Така „релевантните“ новинарски пера од петни жили се трудеа да направат равенство меѓу сопартијците Жерновски и Ристо Пенов кого како поранешен градоначалник на Скопје го поврзуваа со урбаната мафија. Во целата приказна за овие „пулицеровци“ многу важно откритие беше каде тоа работела поранешната сопруга на братот на Жерновски. Сепак, главни ликови во овој дел од евангелието не се ниту медиумите, ниту гласноговорниците на ВМРО-ДПМНЕ ами Антикорупциската комисија.

Па така, неделата пред вториот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ поднесува претставка до комисијата верувајќи дека Жерновски не ја прикажал вистинската имотна состојба кога бил пратеник. Антикорупционерите веднаш, секавично уште другиот ден подготвија соопштение со кое, покрај тоа што пропишаа прекршочна постапка, си се посомневаа дека Жерновски е печен и за потешка казна бидејќи постоеле „основани сомневања дека има елементи од кривичното дело – противправно стекнување и прикривање имот од членот 359-а од Кривичниот законик на РМ“.

И кога сето ова не беше доволно, откако ДИК не ги прифати жалбите на ВМРО-ДПМНЕ за гласањето во Центар, на сцена стапи Управниот суд, кој од вкупно 34 тужби на властодршците за изборите во најурбаната општина ги прифати речиси сите и со тоа ја отвори вратата за трет круг. Случајно или не, претседателот на судот Исамеди Лимани потоа си поднесе оставка. Вредно е да се спомене дека неформален шеф на изборниот штаб во вториот круг беше лично и персонално премиерот Никола Груевски, кој ги прошета сите паркови со неговиот кандидат Владимир Тодоровиќ во обидот да се покори Жерновски.

Како и секое евангелие, и во ова има патувања, со таа разлика што релацијата за локалните избори беше Пустец – Скопје и тоа на трипати. Граѓаните на Мала Преспа по брза постапка добија жителство во Центар, и тоа на само неколку адреси и затоа добивме станови (обично државни) со по 50 или 60 жители.

А за да личи приказнава на монтипајтоновското „Житие на Брајан“ придонесе и изјавата на министерката Гордана Јанкулоска за која сосема нормално било македонските државјани кои живеат во друга држава да гласаат на локални избори. И по сево ова може да се каже дека во Центар не победи Жерновски, ами инаетот на центарци предизвикан од нерамноправната битка меѓу модерните македонски Давид и Голијат.

ХАЈКА СО АМИН ОД МПЦ

Дека нашето евангелие ќе има втор чин покажа невообичаениот интерес на медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ за буквално сите чекори на градоначалникот Жерновски. Откако деноноќно го прозиваа за да ги каже „урбаните мафијаши“ што му нуделе дилови, еден ден решиле да го преседат пред портата на општината и да видат кога градоначалникот  доаѓа на работа, а кога си оди. Па така, новинарите од еден прилично популарен портал установиле дека Жерновски доаѓа на работа во 9, а си оди во 16 часот.

Ете не работел 24/7, ама затоа, пак, еден час порано од него доаѓал Ристо Пенов и дури 60 минути подоцна си одел од општината.

И како што му личи на едно евангелие, во овој дел конечна улога доби Црквата преку ликот и делото на владиката Агатангел кој пресметал дека новиот ДУП за Мал ринг е вториот атак на Жерновски врз МПЦ. Првиот да ти била претставката на ЛДП до Уставниот суд за воведување на веронауката, додека сега градоначалникот сакал да ја урне недоизградената „Св. Константин и Елена“.

И притоа Агатангел порача дека ако Жерновски почне да урива, лошо ќе помине. На градоначалникот влакно не му фали ама затоа премиерот Никола Груевски не штедеше квалификации за владиката Пимен, единствениот член на МПЦ кој ја увиде манипулацијата на власта дека наводно со промената на урбанистичкиот план ќе се уривала црквата.

Третиот дел од евангелието може да ви го раскажат вработените во општина Центар. Тие ако ништо друго, барем точно знаат како им почнува еден работен ден – доаѓа инспектор и им бара лична карта. Да види дали се вработени или можеби новиот градоначалник Андреј Жерновски направил уште некоја грешка. Првиот муабет што ни го направија вработените во општината кога влеговме беше статистиката во однос на инспекциите, кои како крлежи се залепија токму во општината каде што ВМРО-ДПМНЕ изгуби.

За овие два месеца има трипати повеќе инспекции отколку во целокупниот мандат на поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ. Инспекторите дури и сами си кажуваат дека немаат налог да вршат инспекции во други општини, дека се задолжени да доаѓаат само во Центар – велат вработените.

И сето ова е во ред. Според законите и Уставот, што би рекле некои од министрите. Но, како е во другите општини!? Важат ли Уставот и законите подеднакво за сите или исклучок се само оние кои не ѝ се по меракот на власта? Игра ли селективноста пред вратата на општина Центар само затоа што владејачката партија не успеа да ја извојува победата?

Суетата при губењето на битката понекогаш може да се вивне до тој степен, што веќе законите и Уставот би почнале да газат врз живи луѓе. Дали инспекциите служат како алатка на власта за пресметка со неистомислениците? И да потенцираме, во случајов станува збор за инспекции врзани со државни јасли, платени од државниот буџет, од кои нели, се очекува да работат неселективно. Досега се веруваше  дека власта ги користи инспекциите за да ги замолчи и да ги држи под контрола приватните бизнисмени, ама сега видовме на дело, во живо, како тоа се применува врз еден градоначалник од опозициските редови. Има ли друг градоначалник кој по избориве го посетиле толку инспектори?

НЕМА СЕЛЕКТИВНОСТ?

Точно 23 инспекции влегоа во општината Центар во последниве месеци. На шега, вработените велат дека треба да им отстапат една соба за да ги сместат и да ангажираат лице кое секојдневно ќе ги нуди инспекторите со сок и со кафе. Но, да ја тргнеме шегата настрана, она што е јасно е дека кон општината Центар се насочени сите оружја на власта. А има ли помоќно оружје од инспекциите и казните кои би ја истоштиле општинската каса?

Во јуни, Трудовата инспекција влезе во Општината. Казната беше 1.500 евра. Се проверуваа податоците за новите вработувања во општината, а инспекторите влегоа во кабинетот на градоначалникот Жерновски. Четворица инспектори се распослаа низ општината, па следуваше уште една казна од 3.000 евра.

Потоа следуваа и нови инспекции. Влегоа од Управната инспекција. Овојпат казната изнесуваше 7.500 евра, а ако се плати во рок од 8 дена, се плаќа половина од казната. За да ја плати, градоначалникот Жерновски се задолжи со кредит на свое име, затоа што предвидено е казната да ја плати одговорното лице.

Казната од 7.500 евра се однесуваше на „непостапување по инспекциски надзор“. Директорот на Државниот управен инспекторат Ромео Деребан вели дека постапувањето на инспекторатот воопшто не било селективно и дека постапки се водат против дваесетина градоначалници во земјава.

Градоначалникот бил задолжен за предмет за кој имало жалба да го достави до Министерството за транспорт и врски, односно конкретно до министерот. Извршен бил инспекциски надзор и било констатирано дека законскиот рок е испуштен. Решението било доставено на 25 мај годинава, а рокот за извршување бил 3 јуни. По истекувањето на овој рок извршен е надзор и констатирано е дека не е постапено по предметот, по што градоначалникот е поканет на порамнување. Одредена му е најниската казна од 7.500 евра, а казната е намалена за половина, бидејќи градоначалникот платил во рок од 8 дена – вели Деребан.

На нашето прашање дали и во другите општини еден месец по доаѓањето на новите градоначалници, веднаш постапува инспекција, Деребан вели:

И за претходниот градоначалник Тодоровиќ веќе се води прекршочна постапка пред суд. Исти постапки се водат и за дваесетина други градоначалници. Нема селективност. Јас лично сметам дека не е проблемот до градоначалниците, туку до администрацијата. Администрацијата едноставно не може да дозволи градоначалникот да им биде казнет. Неефикасната администрација го доведува градоначалникот таму каде што е. Што поефикасна администрација, толку подобра работа на општината.

Но, кога ќе се собере сѐ наеднаш, прашањето околу (не)селективноста останува да виси. Особено ако се земе предвид колку инспекции навалија врз таа администрација, истата онаа која беше надлежна кога на чело на општината беше Тодоровиќ.

И ВО ОХРИД ИСТА ПЕСНА, САМО ЗА ПРЕТХОДНИКОТ!

И оттука, по информациите за навалата од инспекции во општината Центар, решивме да провериме каква е ситуацијата во Охрид, каде што по два мандата на претходниот градоначалник Александар Петрески од СДСМ, го наследи Никола Бакрачески од ВМРО-ДПМНЕ. Доколку постои неселективност, тогаш според сите правила беше очекувано инспекции да навалат наголемо, но наместо тоа, кога се јавивме во општината за да прашаме дали има инспекции, ни одговорија:

Е кога побрзо да има инспекции, па не се поминати ниту 100 дена откако е дојден новиот градоначалник!

Имено. Тоа и ни беше поентата. Но, можеби не се поминати 100 дена од доаѓањето на новиот градоначалник, но затоа се поминати 8 години од доаѓањето на неговиот претходник, па така, најслучајно, во малата просторија во општината Охрид раскомотени се повеќе служби. Искрено не е јасно како ги собира во една мала соба, но во општината Охрид се чешла целокупното работење на Петрески во последните 8 години. Претставници од Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, сите се сместени во една просторија од општината. Нормално, никој од нив не чепка дали Бакрачески вработил некој законски или незаконски, дали има некој заостанат предмет и слично. Се интересираат единствено како работел градоначалникот Петрески од СДСМ. Овојпат се користи уште помоќното оружје. Алатки кои можат да доведат до кривични пријави, прекршочни пријави, а за понатаму да не навлегуваме.

– Знам дека ревизија има, а за инспекции не знам. Засега во општината има само едно ново вработување – ни изјави Бакрачески.

Васко Ложанкоски од општината Охрид ни изјави дека станува збор за стандардни процедури.

– Државниот завод за ревизија е тука и се испитува реализацијата на буџетот, нешто што е типична работа за ревизорите. Постои и друг вид ревизија од Министерството за финансии, финансиската полиција и Управата за јавни приходи за претходното работење на општината. Од ревизијата сѐ уште нема епилог. Инаку, се водат две постапки за нови вработувања, а во општината има вкупно 265 редовно вработени лица – ни изјави Ложанкоски.

Иста песна, само испеана од различен агол! Во секој случај, важно е да се удри по неистомислениците, без разлика дали се од претходниот или од актуелниот состав во општините.

ЕДНОСТАВНО, ИМ СЕ МОЖЕ

Алатките што ѝ припаѓаат на владејачката структура тешко е да се опишат и да се опфатат на неколку страници. За сите овие години беа во можност да присоберат што е можно повеќе оружја, почнувајќи од администрацијата, завршувајќи до организацијата на протести, контрапротести, протести по повод контрапротестите, случајно неработење на лифтови на денот на гласањето во општина Центар, па случајни жители на Пустец со живеалиште во Скопје, во најстрогиот центар! Многу случајности се насобраа во последниве 2,5 месеци токму во општина Центар!

Со сите овие оружја, буквално се може сѐ. Да се распне човек, да се нагрди или награди човек, да се претстави дека работи беспрекорно, да се направи дека работи под сите стандарди. Едноставно, им се може.

Некогаш оружјата одат заедно. Па така, додека инспекцијата ја чешлаше општина Центар, пред институцијата протестираше таканареченото здружение „Веритас“ поради одлуката да се смени ДУП-от, а со тоа, како што велеа, црквата „Св. Константин и Елена“ ќе станела дивоградба, а новиот градоначалник имал план да ја урне.

Уште неседнат во фотелјата, Жерновски го растргнаа, внатре инспекции, а надвор верници кои физички се пресметуваа со новинари. Меѓу стотината верници кои, нели спонтано се собраа, случајно беа и поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Интернет-порталите пренесоа дека Марјанчо Тодоровски, поранешниот секретар на општината, јавно пред сите насобрани и пред полициските службеници издавал наредби за текот на протестите! Меѓу верниците се појави и Александар Трајковски од подмладокот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кој за медиумите изјави дека е пред општината Центар ја брани црквата и верата, а дека не го интересираат партии. Истиот овој верник што ја брани црквата, по веста за ненадејната смрт на Роберто Беличанец напиша:

„Толку многу плукаше по Македонија, беше еден од главните соросоиди во државата што се обидуваа да ја срушат оваа власт за да ги остварат своите платенички цели…..“.

Каде е тука верникот? Што има христијанско во ваквите размисли!? Или кога се користат алатките на власта, сѐ е оправдано, протести во име на верата, па плукање по секој што мисли поинаку?!

СЕ Е ДО ПАРИТЕ

Се добива впечаток дека премиерот Никола Груевски сѐ уште не може да ја „преболи“ победата на Жерновски. Во последното интервју за „Нетпрес“ тој се става на страната на оние кои протестирале во име на црквата, ги оправдува, па дури и го повикува Жерновски планот да го даде на Уставен суд, кој до неодамна не го признаваше како институција, пред да бидат избрани новите кадри. Но, во изјавата на Груевски може да се види нешто многу подлабоко.

Факт е дека тој во првите два-три месеци откако стапи на функција се покажа дека не е градоначалник кој сака да создава, да гради или да решава проблеми. Напротив, тој со своите изјави ги одвраќа и инвеститорите да инвестираат во таа општина. А ако нема инвеститори, тој нема да има ни пари нешто да изгради – вели Груевски во интервјуто.

Но, како да се заборава дека Жерновски формираше комисија, на чело со антикорупционерката Слаѓана Тасева, за да ги прочешла документите за градбите од „Скопје 2014“. Да потсетиме дека за опозицијата овој проект беше посочен како една од „пералниците на пари“ на власта. Арно ама, на ваквите јавно искажани сомнежи не реагираат институциите.

Финансиската полиција важно дејствува во Охрид, за (не)делата на претходниот градоначалник, се разбира од опозициските редови.

Па така, се стигнува до најважното.

Сите големи инвестиции и можни матни зделки се играа во Центар. Таа беше алфа и омега за сите постоечки и непостоечки инвеститори. А таму се парите. Сепак, сѐ се врти околу нив. Не за џабе Македонија важи за една од најкорумпираните држави во секторот урбанизам. Сега, власта губи многу, а кога се губи, средства очигледно не се избираат!

СОПРУГАТА НА ЖЕРНОВСКИ СМЕНЕТА ОД РАКОВОДИТЕЛ

Олгица Жерновска, сопругата на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, неодамна била разрешена од местото раководител на сектор во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, каде што работи од 1997 година, дознава „Фокус“.

Веднаш по изборот на Жерновски за градоначалник на Центар, неговата сопруга, која од 1998 година била раководител на секторот за водомери, била поставена на многу пониска позиција.

ЖЕРНОВСКИ: ЦЕНТАР НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ „ПРИВИЛЕГИРАНА“ ОПШТИНА

Инспекторите треба да си ја вршат својата работа. Општина Центар нема што да крие, но треба да се работи неселективно, а не само оваа општина да биде „привилегирана“, вели градоначалникот на Центар, Жерновски.

– Самите инспектори признаваат дека немаат налог од надлежните да вршат контроли во другите општини, податок, кој сам за себе говори за селективноста – вели тој.

СЕЛЕКТИВНАТА ПРАВДА НЕ Е ПРАВДА

Во Македонија, во последно време карактеристично е селективното спроведување на правото и сето тоа го крши принципот на владеење на правото, вели Здравко Савевски, политички аналитичар.

– Правните норми треба да важат подеднакво за сите. Ако не важат, имаме селективност, нешто што го потенцира и Европската комисија во своите извештаи. Ја знаете онаа познатата, „селективната правда не е правда“. Во случајов, селективно се испраќаат инспекции, а градоначалникот на таа општина само што стапи на должност. Ако власта сака да покаже барем минимум неселективност, тогаш во најмала рака треба да испрати инспекции и по другите општини – вели Савевски.

Поврзани новости