Дали власта го ловела Љубе, за да може да ги прислушува лидерите на опозицијата?

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 16-ти септември 2011 во неделникот „Фокус“ во бројот 846

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

И после три месеци минати во притвор, на старт на судскиот процес, адвокатите на Љубе Бошкоски ја немаат наредбата со која лидерот на Обединети за Македонија бил сниман, следен и прислушуван. Обвинителството не нуди докази од овој калибар. Се наведува само ,извештај за мобилни телефони, (множина значи) и тоа од 17 јуни. Да, 11 дена откако е во Шутка. А логично е да се претпостави дека во текот на двата месеци во изборната кампања, Бошкоски комуницирал со другите колеги опозиционери. Зарем не скршил муабет со Љубчо, Тито, Бранко, генерал Ангелов, Тачи..? Тогаш, благодарение на ,Кампања, прислушувана била безмалку сета опозиција. Во таков случај, аферата Љубегејт станува вистински македонски Вотергејт!

Во кој период е следен и прислушуван Љубе Бошкоски? Дали следењето и прислушувањето продолжило и за време на предизборната кампања? Дали Министерството за внатрешни работи располага со налог од надлежен судски орган за примена на посебни истражни мерки, и, доколку постои таков налог – од кој датум е? Кои се причините за барањето посебни истражни мерки?

Ова се клучните прашања на кои одговор треба да даде министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Треба – можеби е и преблаг, неадекватен збор, оти на адресата од која ѝ се упатени овие прашања, “согласно Уставот и законите”, таа би морала да се отчита. Ваква информација бара собраниската комисија, чиј назив, иако има бирократски шмек, доволно кажува – за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана.

Арно ама, од друга страна, ако се земе предвид веќе скандалозниот молк на сите институции ангажирани во случајот “Кампања”, токму на овие прашања, битни за секоја полициско-судска процедура, тогаш зборот “мора” звучи саркастично. Па, одговор на овие непознаници од равенката “Кампања” ни после три месеци и една недела од апсењето на Љубе Бошкоски не добија ниту неговите адвокати. Замислете, треба да подготват одбрана, да настапат пред обвинителот и судијата, а немаат основна информација за наредбата за посебните истражни мерки (ПИМ)!!!

Постои ли воопшто таков “папир”? Дали ги има сите детали, “согласно Уставот и законите”? Дали, за да уловат некого за злоупотреба, можеби, нагласувам можеби, ги злоупотребиле своите ингеренции и малку ги измешале брзините?

Ваквата неподнослива леснотија со која се игнорираат најлегитимни прашања, ме наведува да фрлам тешка дума, дека можеби и оптимизмот на Тито Петковски, како прв човек на надлежната собраниска комисија, ќе спласне, откако ќе се соочи со непробојниот бедем на ќутенката од прозваните. Ароганцијата на моќниците, наспроти немоќта на надзорниците, секогаш во Македонија завршува како победа на првите. Оттаму, нема да ме изненади доколку одговорите на прашањата (испратени до Јанкуловска на 7 септември 2011 година) стигнат во Собранието во 2014 година, или бидат троа побрзи со омилениот “исцрпен” одговор на министерката – дека постапувале согласно уставот и законите!

Навистина, никако не можам да смислам логичен одговор, зошто некој би ги прикривал овие детали од процедурата, ако се е согласно Уставот и законите? Како што Фокус прв објави, веднаш по фештата со гламурозното ТВ-апсење на опозицискиот лидер Бошкоски, делото за кое можело да се следи, снима и прислушува Љубе е вметнато во Кривичниот законик пред распуштање на парламентот, а објавено е во Службен весник на 13 април годинава. Иако овој датум го спомна и Петковски, сепак ќе нагласам и овојпат дека овие измени, според последниот, членот 36, стапуваат на сила осмиот ден од објавувањето во Службен весник. Стои црно на бело и ова не може да го замачкаат. Исто како што во обвинителниот акт дури три пати е наведено дека првата тајна снимка на Љубе со загрозениот сведок е на 12 април (во куќата на загрозениот сведок во Скопје)!

Ако е даден налог за ПИМ мерки против Бошкоски на 12 април, по сите тертипи нели, со истражен судија и обвинител, тогаш таквиот е дефектен, оти за нелегално финансирање изборна кампања можеле да се “потпишуваат” дури од 21 април. Или, можеби, штом било изгласано ново новцато кривично дело, пасент скроено по мерка на Љубе, од преголема желба да го имаат под третман, заборавиле дека треба уште девет дена да почекаат?!

Второ, особено е скандалозно доколку лидер на една опозициска партија бил прислушуван два месеци за време на кампањата. Барем во нормални демократски држави, таквите авантури јавноста ги доживува како афери од рангот на Вотергејт. Но, дали е прислушуван? Кога адвокатите ја немаат наредбата за ПИМ мерки, ова е само логична претпоставка – дека телефоните му биле слушани. Но, глеј чудо, обвинителството не нуди докази од овој калибар!? Се наведува само “извештај за мобилни телефони” (множина значи), и тоа – од 17 јуни. Да, 11 дена откако е во Шутка!

Да претпоставиме дека тоа се листинзите од повиците. Но, каде се стенограмите од снимките? Немало ништо квалитетно на нив за судската постапка? Ако мобилните на Љубе биле закачени на Големото уво во МВР, тогаш министерката Јанкуловска, која инаку беше носител на листа на изборите, имала увид во сите планови и разговори на жестокиот критичар на власта на Груевски. Убавина! Значи, никаков ќар за судската постапка, ама затоа голем бенефит за Преродбата!

Трето, штом првиот “корпус деликти” им носи датум од 12 април, значи постои аудио-визуелна снимка на Љубе и на долгогодишниот му пријател кој дома му дава пари. Тогаш, прислушувањето на телефоните веќе нема голема смисла, освен, се разбира, заради политички причини – за портокаловата врхушка. Да претпоставиме дека, сосем нормално, во текот на овие два месеци во изборна кампања, Бошкоски комуницирал со другите опозициски колеги. Зошто да не скршил муабет со Тито, Љубчо, Бранко, генерал Ангелов, Тачи..? Тогаш, благодарение на “Кампања”, прислушувана била безмалку сета опозиција. Во тој случај, Љубегејт станува вистински македонски Вотергејт!

Во здрави демократии, ова е ептен нездрава работа. Но, таму на ваквите обиди да се контролира моќта на полицијата, никој здраворазумен не би реплицирал со – ,Ааа, значи вие го браните криминалот,!

Неколкумината новинари, кои себеси се прогласија за единствените професионалци во земјава, а со кои жестоко пред седум години ја оспорувавме процедурата со која се апсеа осомничените за “Раштански лозја”, не ми останува сега ништо друго освен да ги прашам – Браневте ли тогаш убиство на невини цивили? Или, пак, имате бланко доверба во Јанкуловска и Мијалков, за разлика од “лошиот” Хари?!

Кога ова издание на Фокус ќе излезе од печат, веќе ќе се знае исходот од првиот ден од судскиот процес. Ако повторно не се разјаснат дилемите за кои одговор бараат и адвокатите на Љубе и собраниската комисија, тогаш тури му пепел на „независното“ ни судство!

Поврзани новости