Путин за истрагата на Малер: Се тресеше гората, се роди глушец

by fokus

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека од почетокот знаел дека истрагата на Роберт Малер ќе го ослободи Доналд Трамп од обвиненијата за дослух со Москва.

Тој истакна дека истрагата била „сосема неразумна“.

– Од почетокот велевме дека комисијата на Малер нема да најде ништо, тоа никој не го знаеше подобро од нас, изјави рускиот претседател на собир посветен на Арктикот во Санкт Петербург.

Ова е негова прва реакција на извештајот на американскиот специјален обвинител кој заклучи дека „постоела намера кај Москва да влијае врз претседателските избори во САД во 2016 година, но оти Доналд Трамп не бил во дослух со Русија“.

Путин рече дека тврдењата за дослух кои доаѓаат од демократите ја одразуваат нивната неможност да ги прифатат резултатите од претседателските избори во 2016 година.

Тој изрази надеж дека партиските препукувања во Вашингтон ќе се смират за да можат САД и Русија да се посветат на прашања од заеднички интерес како што е контролата на нуклеарното вооружување, борбата против тероризмот и климатските промени.

На прашањето дали Русија ќе поддржи кандидатура на Трамп за втор мандат во 2020, Путин одговори дека Москва ќе го почитува изборот на американскиот народ.

Поврзани новости