„Путин убиец“: Протести во Франција за поддршка на украинскиот народ

by Fokus

Демонстрации против војната и поддршка на украинскиот народ се одржуваат оваа сабота во Париз и во повеќе француски градови, јави дописникот на МИА.

Во Париз, поворката од неколку илјади демонстранти се собра на Плоштадот на Републиката во 15 часот, при што се скандира „Солидарност со Украина“, „Путин убиец“ на француски, украински и руски јазик.

Викендов се одржуваат собири за поддршка на Украина во повеќе од сто градови во Франција како и во многу европски метрополи, на десеттиот ден од руската инвазија.

Здруженијата како СПС-Расизам и политичките партии како ЛРЕМ, ЛР, ЕЕЛВ или СП повикаа да се приклучат на демонстрациите во Париз. Кандидатот за заштита на животната средина за претседателските избори Јаник Жадо и неговата социјалистичка конкурентка Ан Идалго се присутни на демонстрациите.

Во Крезот (Сона и Лоара), неколку стотици луѓе се собраа на повикот на Колективот за мир, во знак на солидарност со украинскиот народ. Тие беа 500 во Сент Етјен и исто толку во Роан (Лоара), според полицијата.

Според оценките на полицијата ширум Франција денеска се очекуваат околу 25.000 демонстранти.

Поврзани новости