ПССЕ: Намaлeн притисокот врз медиумите и новинарите во Северна Македонија

by fokus

Неприфатливо е во денешна Европа на човекови права, десетици новинари да се физички напаѓани, самоволно затворени, па дури и убиени, а одговорните за овие злосторства најчесто поминуваат неказнети. Заканите, вознемирувањето, законските и административните ограничувања и непотребните политички и економски притисоци врз новинарите се вообичаени, се вели во извештајот на ПССЕ посветен на заканите за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Европа, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Известувачот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Британецот Џорџ Фулкес, смета дека сите земји членки на Советот на Европа мора ефикасно да ја гарантираат безбедноста на новинарите, да создадат средина погодна за слободата на медиумите и да спречат злоупотреба на законите или нормативните одредби што можат да влијаат на таа слобода, без која не постои и нема демократија. Правото на новинарите да ги заштитат своите извори мора да биде загарантирано, полициското насилство врз новинарите мора да биде осудено и санкциите против слободата на медиумите мора да бидат обесхрабрени.

Во извештајот на ПССЕ ретки се земјите кои се поштедени од критиките и во кои не е забележано насилство или притисок врз новинарите.

Во однос на медиумското опкружување како целина, ПССЕ го спомена случајот со Северна Македонија: дури и ако работата на новинарите останува прилично тешка и несигурна, оваа земја членка се издвојува од 2018 година од другите земји од поранешна Југославија преку намален притисок и гонење на новинарите, се вели во извештајот на Фулкес.

За ситуацијата во Северна Македонија во извештајот на ПССЕ се нагласува дека на 18 февруари 2017 година, двајца новинари на порталот А1он, Александар Тодевски и снимателот Владимир Зелчевски, беа претепани во Скопје додека покриваа демонстрации пред парламентот. Новинарот на НоваТВ, Борјан Јовановски, бил навреден и плукан во лицето. На 27 април 2017 година, за време на националистичка демонстрација во Скопје беа нападнати Димитар Тануров, новинар на интернет-новинската агенција Мета и Никола Ордевски, снимател на новинската агенција „Макфакс“. Вкупно на 21 новинар им биле упатени закани или им било попречено известувањето на местото на настанот. Има случаи и на закани и вознемирување на Твитер, Фејсбук итн.

Известувачот нагласува дека „поранешниот лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ги опиша своите противници како предавници, покрај серијата напади врз медиумите во февруари 2017 година. Двајца новинари беа претепани на 28 февруари 2017 година во Скопје и никој не беше гонет“, се наведува во извештајот.

Поврзани новости