Признанието на „Бреза“ дека лажно сведочел по налог на ДБК откри како власта креира „заштитени сведоци“!

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 15-ти февруари 2013-та година во недeлникот „Фокус“ во бројот 920

Златко Арсовски, алијас „Бреза”,од велешкото село Ореше, јасно и гласно кажа дека цело време додека бил заштитен сведок лажел по налог на инспектори од ДБК. Морал да прифати бидејќи неколку месеци го малтретирала полицијата во затворот во „Шуто Оризари” и му напишала што да каже. Скандалот со овој заштитен сведок ги доведува под сомневање сите пресуди, за кои се тврдеше дека се монтирани со учество на заштитени сведоци. Ако има доблест, јавниот обвинител на Македонија треба да побара Врховниот суд да ги поништи сите одлуки каде што имало заштитен сведок. Сѐ друго ќе биде скандал од невидени размери!    

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Македонскиот судски систем е пред слободен пад кон дното, откако еден од заштитените сведоци, толку користената (или злоупотребувана) алатка во, по слободна проценка, над триесетина случаи, реши да ја симне маската и да признае дека за цело време додека бил заштитен сведок, лажел! Наместо заштитен сведок, како што вели досегашниот „Бреза”, станал жртва на системот.

Го принудиле да лаже, му напишале изјава што тој морал да ја научи и да ја кажува на суд овие неколку години, но тие, по чиј налог лажно сведочат за да решат еден предмет, не исполниле ништо од привилегиите кои му ги ветувале: вработување и пристојна живеачка. И затоа сведокот, сега со цело име и презиме, Златко Арсовски, решил да ја смени својата изјава за убиството во Ореше.

Сега нему му се заканува кривично гонење за давање лажен исказ, но прашањето е етичко ама и правно: ако некој одлучи да го гони досегашниот „Бреза”, ќе останат ли нечепнати инспекторите на тогашната ДБК, сега УБК, кои без проблем влегувале во затвор со трети лица и го малтретирале заканувајќи му се дека лошо ќе помине ако не ја прифати нивната понуда. Посетите во Истражниот затвор во Шуто Оризари за негово врбување траеле шест месеци, додека издржувал мерка притвор за разбојништво.

МВР, сега, по обелоденувањето на овој мега скандал во македонско правосудство, вели дека Златко Арсовски треба да докаже дека лажел по налог на полициски инспектори или дека тие го принудиле и му донеле изјава во затвор како што посочува, во присуство на роднина на сега убиениот, сведок во случајов, кој никако не смеел и не можел според закон да влезе во истражниот затвор и да има контакт со него!

ЕДНА „БРЕЗА” ГО СОГОЛЕ ЦЕЛИОТ СИСТЕМ

Значи, како што стојат сега работите, Златко, кој бил жртва на системот, сега треба да се соочи и сам да се бори против тој систем, за да докаже дека бил натеран да го стори тоа. Ајде уште од сега да се обложиме дека освен вербални, тој нема да има материјални докази! Тој директор на Шутка, кој ќе потврди дека дозволил полицајци и други лица да вршат притисок врз притвореник, треба веднаш да заврши во првата слободна ќелија на истиот тој затвор!

Но, приказната на Златко за посети на луѓе во притворот има потврда уште на неговото прво сослушување кога го добива псевдонимот „Бреза”, на 5 ноември 2008 година. Во записникот, со негов исказ, кој беше обелоденет тогаш во јавноста, а кој беше еден од аргументите дека се открил неговиот идентитет (иако на тој записник нема никакви генералии, освен псевдонимот) „Бреза” тогаш навел: Уште кога ми беше определен притвор (за разбојништво) и бев упатен во затворот во Шутка, само што ме внесоа внатре, дојде еден од стражарите, Себастијан, и ми рече дека се јавил Љупчо (обвинет за извршување на убиството. м.з.) и побарал да ме смести во поубава соба.

Веќе наредниот ден од Љупчо добив кутија цигари. Некаде откако бев два месеци во притвор, после полноќ ми ѕвонеше мобилниот телефон и ми се јави Ѓоре од Америка (Петровски, обвинет дека го нарачал и платил убиството на старецот, м.з.) и почна да ме прашува како мене ме наместиле во затвор, а главната цел му беше да ми каже дека другите работи кои ги знам да не ги кажувам, најверојатно и за убиството, па ако треба и да умрам! Пред извесно време, додека сѐ уште сум во затвор, на посета ми дојде едно лице од селото со кое јас разговарав.

Веднаш кога се вратив во собата дојде полицаецот Себастијан, кој ми се обрати и ми рече: „што бе, си станал шпиунче” пред сите во собата. Почнав да се сомневам дека сакаат преку него да предизвикаат инцидент, бидејќи пред извесно време, еден затвореник Газменд, физички ме нападна без никаков повод и ми рече дека бил осуден на три години затвор, но ќе лежел 5 ама морал да убие некого со вилушка!  Мислам дека тоа е се организирано од Ѓоре и неговите ортаци преку полицаецот Себастијан, да ми наштетат или, не дај боже, да ме убијат” – пишува во записникот за сослушување на „Бреза” кој бара судот да го заштити.

Од тука, независно кој и како му вршел притисоци, признанието на записник, за се што се случувало во Истражниот затвор во Шутка, дадено на записник пред истражен судија, не смеело да остане покриено и неиспитано. Во изјава дадена подоцна од Златко Арсовски, но и од директорот на Штипскиот затвор Трајче Димков, каде што е префрлен, од кога го добил псевдонимот, јасно се гледа дека „Бреза” бара телефон, кој и го добил од страна на директорот но подоцна му бил одземен! Сите овие работи, од полициската работата на МВР во затворот со Арсовски,  до добивање на привилегии на сведокот, се правеле без знаење на истражниот судија во предметот „Ореше”, но и без знаење на судијата кој го судел предметот за разбојништвото, бидејќи сето ова се правело додека Арсовски е во притвор, пред правосилност на пресудата.

ЗВРЛЕВСКИ ТРЕБА ИТНО ДА БАРА ОДГОВОРНОСТ

Признанието на Арсовски и најавата на еден од браќата Ѓорѓиевски, обвинети дека се извршители на убиството, дека на денешното судење во Велес ќе ги открие имињата на полициските инспектори, двајца од Велес и четворица од Скопје, доволно говори на колку гнили основи бил поставен законот за заштита на сведоци и како, еве со еден потег, слободно може да се тврди дека во сите случаи каде што има заштитен сведок се работело на ист начин. Сите тврдења досега за политички монтирани процеси, сега добија печат на реалност!

Но, да видиме, дали судството ќе го положи тестот, а новиот јавен обвинител на Македонија Марко Зврлевски, наместо да оди по балови, ќе застане на браникот на заштита на слободите и правата на граѓаните, кои се прекршени на овој начин. Во „Ореше” факт е дека старецот е убиен со два куршуми, но на лице место, увидната екипа нашла траги од еден човек, па нејасно е од каде има двајца обвинети како извршители. Но, сега, колку и да се виновни обвинетите, со такво контаминирање на доказите и сведоците, не може да се води постапка понатаму. Да не споменувам американски случаи каде што познати личности беа ослободени од обвиненија за убиство, поради контаминирање докази.

Овде, прво што треба да направи јавниот обвинител, а не велешкото обвинителство, е да бара истрага која ќе ги опфати инспекторите на ДБК и лицата кои му ја донеле лажната изјава на сведокот, Јавниот обвинител од Велес Ивица Ефремов, кој не можел осум години колку што поминаа од настанот и пет години од почнување на процесот, да не знае дека пред себе има лажен сведок, кој само треба да ги поткрепи материјалните докази.

Зврлевски треба итно да бара да се префрли комплетната надлежност за овој предмет во скопското обвинителство и во судот, а претходно да се задоволи барањето на одбраната за изземање на судијата бидејќи имал средба со сведокот пред да го промени исказот. Што и да разговарал судијата Илија Танев со сведокот сега е ирелевантно! Доволна е средбата, надвор од судот, во кафе бар!

Тука веќе се губи секаква непристрасност. Дополнителен услов за изземање, но и за санкционирање на јавниот обвинител Ефремов, е и податокот што досегашниот втор судија во овој предмет Бојчо Весов е во кумовски врски со овој обвинител а обвинителот продолжил да го застапува предметот. Таму на два пати беше донесена пресуда со која беа изречени затворски казни од по 12 години затвор за извршителите, но апелација го укинуваше и го враќаше на повторно судење.

Сега, кога го немаат клучниот доказ, заштитениот сведок, на чиј исказ се темели обвинението, на потег треба да е обвинителот кој сериозно мора да образложи, зошто ќе води постапка ако реши да продолжи да ја води, но само под услов, со комплетно нов тим и по спроведена истрага за злоупотреба на сите кои учествувале во ваков наместен процес со лажен сведок!

Независно дали на денешното судење ќе има услови да продолжи постапката или не, очекувам претседателот на велешкиот суд Јордан Лазаров сам да побара делегирање на друг суд, за да ги спаси од понатамошна бламажа сите судии, кои наседнале (намерно или ненамерно) на полициската местенка и на такви докази носеле пресуди!

ЛАЖЕЛ САМО БРЕЗА?

Законот предвидува дека заштитен сведок, е лице кое поседува информации значајни за кривичната постапка, чиј живот, здравје, слобода и имот се изложени на опасност и кое е вклучено во програмата за заштита на сведоци. Оваа програмата: чување во тајност на идентитетот на сведокот, обезбедување на лична заштита, промена на живеалиштето, промена на идентитетот. За да има еден сведок третман на „заштитен”, судот мора да закаже одделен судски процес за да ги утврди фактите зошто сведокот заслужува да биде специјално третиран.

Ова е законското решение кое се применува кај нас речиси осма година, а интензивно последниве пет години, кога власта процесуираше триесетина случаи во кои користи вакви сведоци. Тоа се луѓе, односно, треба да бидат луѓе кои знаат за кривичното дело, но обвинетите не смеат да дознаат кој се ниту да наслутат. Заштитен сведок се наоѓа само во ситуација кога доказите со кои располага полицијата и обвинителот не може да се потврдат поинаку. Но, во ниту еден случај, пресуда не може и не смее да се заснова само врз основа на заштитен сведок! Така барем пишува во законите, во  меѓународните конвенции и во одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Стразбур дури предвидува дека судот не може да го прогласи сведокот за заштитен ако во утврдувањето на ситуацијата не учествуваат и адвокатите на обвинетиот за да се запознаат со евентуалните закани и загрозеноста што ја има сведокот.

Но, во досегашните постапки во Македонија не се прашува никој, се прифаќа предлогот на обвинителот, а жалбите на адвокатите на обвинетите поднесени на оваа околност секогаш се одбиваат. Судот, во македонски услови, во решенијата секогаш констатира  дека „сѐ уште постои опасност по животот, здравјето и физичкиот интегритет на сведокот и дека е неопходна негова заштита”, но вообичаено нема информации кој и како му се заканувал. И дали полицијата го обезбедувала сведокот поради добиените закани.

Дилемите кои се наметнуваа по секој предмет во кој е вклучен заштитен сведок се: дека тој не може да има таков статус бидејќи нема индиции за закани, речиси сите учесници го знаат неговиот идентитет или дека сведокот дава целосно лажен исказ, а судот не дозволува прашања од каде што ќе се види дека тој лаже. Сите овие дубиози добија свој епилог преку случајот „Ореше”, каде што заштитен сведок посочува кој е нарачател и кој се извршители на платеното убиство на старецот Лазо Милошевски од ова планинско село, во велешкиот регион.

Барањето на Златко Арсовски, алијас „Бреза”, досегашниот заштитен сведок, кој сам побара да му се укине статусот за да каже дека се што тврдел до сега лажел по налог на ДБК, може да има бумеранг ефект, па да се охрабрат и други заштитени сведоци да прозборат и да кажат: по чиј налог постапувале и дали тоа што го тврделе е така или не!

Законот за заштита на сведоци е донесен пред 8 години, во 2008 година се направени измени и дополнување на процесниот закон, каде што, меѓудругото, е разработен начинот и постапката за сослушување на заштитениот сведок. Тој може да биде сослушан во друга просторија во судот или надвор од неа, преку монитор на кои ќе биде изменет гласот и сликата, со посебна забрана да има други луѓе кои би му суфлирале додека тој зборува. Но, една од сериозните забелешки на бранителите и обвинетите е токму дека сведоците не се сами, го читаат исказот или некој им суфлира што да кажат.

Велешкото признание на сведокот од Ореше е аларм Јавниот обвинител да побара заштита на законитост пред Врховниот суд во сите предмети каде што се користел ваков сведок и да бара укинување на пресудите, вели адвокатот Владимир Ракочевиќ, кој застапувал обвинети во неколку предмети каде што имало заштитени сведоци. Тој тврди дека законот не се почитувал (види рамка), а повисоките судови воопшто не се осврнувале на нивните наводи во жалбите, исто како да немало никакви повреди.

Реакцијата на адвокатот Ракочевиќ е најголема во делот на сослушувањето, на одбиените барања да му се поставуваат одредени прашања, на необразложени причини за евентуалните закани, но и она што е најспорно, заштитениот сведок речиси во сите постапки го знаат сите, а законот предвидува дека заштитениот сведок ќе биде лице за кое обвинетите не ќе знаат кој е!

Но, македонската судска пракса покажа толку комични ситуации кои се однесуваа на заштитените сведоци, па нивните искази беа пречекувани со потсмев. Во предметот „Метастаза”, каде што беа обвинети лекари за делење лажни инвалидски пензии, како заштитен сведок се појави една обвинета од претходниот предмет поврзан со Фондот за ПИОМ. Првообвинетиот во тој случај рече дека многу добро знае кој е сведокот, посочи дури и иницијали, а како што рече, ја знае бидејќи само една до сега во  животот му се обратила со „САШЕНКА”.

Кај случајот со злоупотребите на пари од патарините, во последниот предмет познат како „Калдрма”, обвинети од првиот предмет „Змиско око” се појавуваат како заштитени сведоци. Во акцијата „Бумеранг” каде што беа апсени полицајци од граничните премини, заштитени сведоци се дел од вработените, кои сите ги знаат, посебно што нив им била дадена камера, па тие ги правеле снимките, а потоа се појавиле и како заштитени сведоци. Од кого се заштитени, ако сите знаат кој им недостасува во групата, па измислуваа прекари и вицеви на сметка на заштитениот сведок! Во „Монструм” еден сведок се откажа од заштитата па беше обвинет.

КОЈ ЌЕ БИДЕ СЛЕДНИОТ ШТО ЌЕ ПРИЗНАЕ?

Врховниот суд во малку случаи се осврнува на сведоците, нема никаков начелен правен став или судска пракса за ова прашање, па низ неговите одлуки можат да се најдат малку примери каде што се коментира начинот на сослушување на доказите и користењето на нивните изјави.

Во еден предмет, каде што имало тројца заштитени сведоци, одбраната тврдела дека сведокот со псевдоним „Вардар”, е криминогена личност и не било потврдено со ниту еден доказ дека тој под притисок го изменил својот исказ на главниот претрес. Покрај тоа што бранителот ја оспорувал вистинитоста на наводите на прикриените сведоци, понатаму навел дека и исказите на прикриените сведоци не се земени согласно законот, поради што и не можело пресудата да се темели на ваквите искази

„Врховниот суд на Република Македонија, констатира дека ваквото однесување на овој сведок покажува токму дека тој е загрозен бидејќи е алката за причинско последичната врска во овој настан, за да биде планиран и извршен со сите последици што произлегле, само заради тоа што останатите оштетени се нашле во погрешно време и на погрешно место. Оттука, неосновани се жалбените наводи на обвинетите преку нивните бранители дека пресудата се заснива исклучиво на исказите на сведоците под псевдоним „Водно”, „Кораб” и „Вардар”, како и дека судот осудителната пресуда ја засновал само врз основа на искази на заштитени сведоци, што е спротивно на член 339 од ЗКП”, заклучуваат врховните судии во пресуда од септември 2009 година.

Два карактеристични предмети за кои се тврди дека се политички монтирани се предметите „Кампања” и „Ровер” во кои му се суди на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски. И покрај сите жалби, пресудата против Бошкоски е правосилна. Анализирајќи го предметот „Кампања” професорот Гордан Калајџиев вели: „општ е впечатокот дека сведокот не бил сериозно загрозен за воопшто да биде заштитен во постапката, а особено е проблематичен начинот на заштита со непотребно „анонимизирање” на сведокот, кој инаку неспорно му бил познат на обвинетиот, но и неговото испитување. Со ова е оневозможено одбраната да ја оспорува неговата веродостојност и неговата  улога во случајот.

Ова особено заради веројатноста истиот да постапувал како полициски информатор, прикриен агент, т.н. соработник на правдата или „агент провокатор”. Имено, доколку се покаже дека акцијата на полицијата имала ефект на поттикнување на обвинетиот да го стори делото за коешто е осуден, се оди преку допуштеното пасивно истражување на определена криминална активност. За жал, судот ваквите наводи не ги испитал на задоволителен начин, ниту пак и овозможил на одбраната да го стори истото.

Посебна категорија е т.н. „соработник на правдата”, кој е и самиот учесник во кривичното дело, но законот го привилегира заради фаќање и осуда како во случаите на Љубе Бошкоски, „Пајажина”. Во случајот на Бошковски може да се работи за која било од овие варијанти, поради што е важно да се утврди улогата на заштитениот сведок во целиот настан.Пред сè, судството и обвинителството не само што не успеаја да се докажат како контролори над полицијата и службите за безбедност, во смисла на гаранти на законитоста и човековите права на осомничените, туку напротив оставаат впечаток на безлични алки во бирократизираниот систем што не покажува голем респект

кон човековите права. Обвинителството е сведено на своевидна адвокатска канцеларија на полицијата, неспособно самото да раководи со кривичните истраги” – заклучува професорот Калајџиев.

Меѓу прашањата кои се поставуваат во сите случаи е дали исклучувањето на јавноста кога се сослушувал заштитениот сведок не значи повреда на постапките. За повредите во постапките, Апелациониот и Врховниот суд речиси и не коментираат, каков што е случајот со „Кампања” во која судот морал да се изјасни: дали исклучувањето на јавноста е повреда на постапката. Друго е прашањето, дали тоа исклучување е од влијание за поинакво одлучување. На тој начин судот ќе ја решел дилемата дали треба или не да се исклучи јавноста и на тој начин ќе се создаде судска пракса.

Во предметот „Ровер”, обвинителот се пазарел претходно со  еден обвинет, па откако не прифатил тој, нашле втор, но никој не може да знае дали и колку тој може да каже, бидејќи неговото сведочење е дека тој не видел, ниту чул лично туку му кажало трето лице.

„Во случајот  Кампања „заштитениот” сведок можел да биде и т.н. „агент провокатор”, кој како метод на полициска клопка е незаконит според домашното и правото на Европската конвенција за човековите права. Случајот на Љубе Бошкоски укажува на можни злоупотреби на посебните истражни техники и заштитата на сведоците за справување со политичките противници”-вели професорот Гордан Калајџиев.

Затоа, „Ореше” ја отвори пандорината кутија од која прво излезе лошиот дух на злоупотребите, но затоа, време е итно да се седне и да се преиспита целиот концепт и злоупотребата на институтот заштитен сведок, надевајќи се дека во кутијата, останала надежта која ако не може да смени нешто, барем да ја поправи ситуацијата! Оти, што би рекол професорот Љубомир Фрчкоски, зад секој од нас се крие по еден заштитен сведок! Само прашање на време е кога тој ќе биде (зло)употребен против нас!

Валентин ЗАФИРОВ, кој водеше истрага за „Ореше”: СУДСКИОТ СОВЕТ МЕ РАЗРЕШИ ПО „НАЛОГ” НА МВР!

Со откажувањето на сведокот Златко Арсовски–Бреза, од неговото својството на заштитен сведок, само се потврди мојата констатација, јавно изречена уште во 2008 година, дека македонското судство го допре дното, со одземањето на предметот „Ореше” спротивно на законот и судскиот деловник, по што, јас експресно бев разрешен. Се вршеше притисок над ОЈО Велес да бараат мое изземање  од предметот, но тогашниот обвинител во Велес Ѓорѓи Јаковлевски и обвинителот што постапува во предметот го издржаа притисокот.

Сепак, по „налог” од МВР пред Судски совет се поведе постапка за мое разрешување, каде што не се докажа ниту еден од наводите во „налогот ” и во барањето за разрешување. Јас бев разрешен, иако инсистирав барем да се прибави податок дали сведокот „Бреза” е заштитен сведок или загрозен, но тогашниот Судски совет не го стори тоа, така што и не знам за кое дејствие бев  разрешен.

Сведокот Бреза сега самиот ми пристапи и ми даде изјава заверена пред Нотар во која објаснува што се случувало во периодот пред да постапувам како истражен судија во предметот, додека постапував, но и дека го добил својството на заштитен сведок во 2010 година, две години по моето суспендирање. После овие негови наводи сметам дека има услови поради постоење на нов доказ да се повтори постапката за моето разрешување и правилно да се утврди конкретната одговорност. Искрено, посакувам не поради мене, туку поради враќањето на довербата во македонското судство!

Владимир РАКОЧЕВИЌ, адвокат: СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА ЗАШТИТЕНИОТ СВЕДОК

Во мојата пракса, за сите предмети со заштитени сведоци немаше никакви законски услови за да бидат сослушани како заштитени сведоци. Такви се предметите „Кампања”, „Ровер”, „Бумеранг”, „Метастаза’’. Законот е многу рестриктивен и тој предвидува да се користи заштитен сведок ако нема друг начин да се докажат тие тврдења. Мора да се докаже основаноста за неговите закани, да се сослушува како што е предвидено и каде што ќе се знае дали тој е сам во просторијата или некој му суфлира.

Имаше случај во „Бумеранг” каде што заштитениот сведок кажа се од збор до збор, како што пишуваше во решението за истрага, по што беше јасно дека читал иако по закон сведоците не смеат да имаат никакви потсетници пред нив. Со давањето статус на заштитен сведок без да се исполнети законските услови флагрантно се крши ЗКП.

Во предметот „Кампања” имавме ситуација каде што заштитениот кажуваше едно, а на снимките се гледаше друго. Затоа, мора да се укинат или изменат законите кои ја регулираат оваа област, бидејќи јасно е дека тие се злоупотребуваат од органите на прогонот, а тоа се покажа во сите предмети каде што има заштитени сведоци.

Поврзани новости