Приказната за Дуа Липа завршува со меанчето Две липи во Делчево

by Фокус

-Дуа Липа? Која е таа, што е тоа? Ах, да, Две липи, одлично меанче во Делчево. Посетете го, нема да зажалите. Тука завршува приказната со Дуа Липа. Тоа се само дел од реакциите кои можат да се сретнат на социјалните мрежи денес, откако пејачката и модел Дуа Липа, родена во Лондон, од семејство на албански родители по потекло од Косово, пред два дена објави фотографија на која е прикажано знамето на таканаречената Голема Албанија. На мапата е опфатен и дел од Македонија.

Националистичката објава од страна на популарната пејачка наиде на лавина од реакции, не само кај нас, туку и на Балканот. Обвинувања дека подгрева национализам на Балканот, сместена во удобноста на Велика Британија, и наместо во стилот на големите музички ѕвезди, кои ја користат својата популарност да промовираат соживот, добрососедски односи и мир во светот, пристигаат од сите страни на сметка на Липа.

Многу од нејзините фанови разочарано коментираат дека ова бил еден од најбрзите начини да ја избришат од листата на омилени пејачки. И критиките од страна на британските медиуми не изостанаа. Контроверзната објава на Липа се најде и во BBC, а беше покрената и онлајн петиција насловена Cancel Dua Lipa, која собра 130.000 потписи.

-Не мислев да иницирам никаква омраза. Сите ние заслужуваме да бидеме горди на нашето етничко потекло – наведено е во изјавата на пејачката, која што ја објави BBC.

Вики Клинчарова

Поврзани новости