Преродбеничка фарма

Никој од таборот на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не призна дека иконографијата за изборната кампања во 2006 година ја здиплија од Портокаловата револуција во Украина, пресвртот во Киев, кога на власт дојде двојката со портокалови шалови, ТимошенкоЈушченко. Но, јасно беше дека оранжот од скопските билборди требаше да навести тектоника слична како онаа во Украина – некој вид свилена револуција, големи промени (чекори) со мали потреси.

Револуционерниот тон преовладуваше и во обраќањето на тогашниот лидер на опозицијата во портокаловото книжуле, кое носеше револуционерен наслов, „Преродба во 100 чекори“. Груевски воведот го почна со лична исповед дека тука пораснал, тука за првпат ја почувствувал радоста и тука научил што значи зборот тага и оти нормално е дека дома е најубаво, за да ја финишира воведната реч со речиси револуционерен повик:
„Ајде да работиме заедно! Да работиме за Македонија!“

Како речиси секоја револуција, свилена или волнена, сеедно, и оваа нашава се претвори во својата спротивност.

Да беше жив Џорџ Орвел, авторот на сатиричната басна „Животинска фарма“, ќе напишеше дека и во Македонија во последниве осум години револуционерните „животни“, кои се бореа за подобар стандард и за правда, токму тие истите, веќе одамна проодеа на две нозе и станаа идентични како подмолните цицачи со раце.

И тие што ја читале басната на Орвел и тие што само чуле за неа знаат дека главната поента околу која тече дејствието во новелата е дека сите животни се еднакви, меѓутоа некои, сепак, се поеднакви од другите. Доколку ја прочитате невообичаената приказна за револуцијата во фармата на човекот Џоунс, предводена од свињите Наполеон и Сноубол, ќе сфатите дека воведувањето на апсурдното правило, дека „некои животни се поеднакви од другите“, е само последна етапа во претворањето на една револуција во тежок деспотизам, диктатура што ќе ја воспостави еден од крмаците, откако, нормално, ќе се пресмета со другата свиња која му беше соборец против двоношците (луѓето).

ДРЖАВА НА ЕДНАКВИТЕ И НА ПОЕДНАКВИТЕ ПРОЗОРЦИ

Дека ние одамна сме во таа поодмината фаза на „еволуција на револуцијата“ и дека имаме проблем со поеднаквоста (или нееднаквоста) покажува последниот пример со процесот против демонстрантите, кои пред неколку недели ги скршија прозорците на судот, незадоволни од одлуката во случајот „Монструм“.

Обвинителството експресно ги седна на обвинителна клупа и им бара 26.000 евра отштета, додека истата институција точно една година е слепа за идентичното дивјаштво што се случи пред Општина Центар, кога приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ, маскирани како членови на некое здружение, буквално ја сплескаа оградата на општинската зграда и скршија прозорци. Овие за дивјаштвото не само што не добија казни, ами ќарија и по една плескавица за пожртвуваноста!

Нема потреба посебно да се елаборира поеднаквоста што ја уживаат премиерот, неговите најблиски соработници и медиумски поддржувачи во судовите, наспроти судските голготи и високите парични казни што ги трпат сите оние што се на другата страна. Освен во областа на правото и на правдата, најголемата поеднаквост (или нееднаквост, како сакате) ја имаме и во економијата, каде што се парите.

Владата преку Собранието протурка посебен инструмент, наречен задолжница, кој гарантира исплаќање на долговите меѓу приватниците, но кога е во прашање борчот на државата, таа задолжница засега не важи. За државата не важи ни обврската да исплаќа К-15, што револуционерно ја наметнува кај приватниците, кои ќе трпат и санкции ако не „кешираат“.

Веќе се навикнавме и на привилегираниот однос кон странските инвеститори, кој ќе биде доведен до екстрем со евентуалното формирање на слободната финансиска зона што ќе се овозможи со најновите последни уставни промени. Таму ќе важат сосема поинакви закони од оние по кои работат македонските фирми.

Вакви примери на поеднаквост (или нееднаквост, како сакате) има многу на број, но тој „принцип“ не е единствената сличност меѓу Орвеловата фарма и оваа „преродбеничка фарма“. Читајќи ја басната, паралелите сами излегуваат.

Во револуцијата предводена од свињите, животните ќе го избркаат човекот-тиранин кој ги експлоатирал и ги малтретирал, по што крмакот Наполеон полека и незабележливо ќе ги преземе работите во свои раце. По револуцијата, свињите, како најинтелигентни и единствени кои ќе научат да читаат и да пишуваат, ќе воведат и ќе напишат седум правила, со кои ќе сакаат да докажат оти меѓу нив и луѓето ИМА РАЗЛИКА, а во тие заповеди се наоѓа и онаа дека – сите животни се еднакви.

Со текот на времето, водачот сите до едно правило ќе ги смени и преку својот пропагатор, крмакот Сквилер, ќе ги убедува другите животни дека отсекогаш правилата биле такви, никој ништо не менувал а секој што се сомневал – греши.

БАСНА ИЛИ РЕАЛНОСТ?

Кога водачот Наполеон ќе се пресели од шталата во напуштените човечки одаи за да легне на мека постела, ќе го смени правилото дека „животните не смеат да спијат во кревет“ во правило кое гласи дека „животните не смеат да спијат во кревет со чаршафи“. Кога Наполеон ќе посака да пие пиво, правилото дека „животно не смее да пие алкохол“ ќе биде сменето во заповед дека „животно не смее да пие алкохол во претерани количества“.

А кревети и алкохол ќе има само за врхушката составена од неколку свињи, кучиња-чувари, еден петел и еден религиозен гавран кој проповеда дека по смртта членовите на фармата ќе продолжат да живеат рајски на Шеќерната планина.

И во басната автократот, за да владее постабилно, создава внатрешни и надворешни непријатели. Наполеон го прогласува својот соборец Сноубол за предавник, шпион и соработник на соседните фармери (надворешните непријатели) и го протерува со помош на кучињата, кои самиот ќе ги израсне и подоцна за секој проблем, буквално за секоја незгода, вината ќе ја префрла на испадената свиња.

Интересно е дека секогаш кога дел од животните ќе се побунат свињата-водач, Наполеон, им ги пушта разлутените кучиња и го активира хорот на овците кои секогаш, без разлика на ситуацијата, блеат: „Четири нозе – добро, две нозе – лошо!“

На крајот, секоја расправија завршува со убедувањето на лидерот дека сѐ што работи е во функција човекот никогаш веќе да не стапне на фармата.
„Зар сакате Џоунс да се врати?“, ги предупредува Наполеон своите животни.

Во басната не изостанува ни пропагандата за наводниот напредок на фармата под водство на свињите. Кога ќе почне да снемува храна, пиар-крмакот Сквилер намалувањето на оброците ќе го нарече приспособување и ќе им чита соопштенија на другите животни дека има „огромни подобрувања од времето на Џоунс“.

На животните, кои не се способни да ја научат целата азбука, ќе им „чита“ податоци дека под власта на Наполеон имаат поголеми количества овес, сено и репка, дека водата е поквалитетна за пиење, дека работните часови се помали, дека има помалку болви и оти поголем дел од младенчињата преживуваат.

Сите животни што биле во контакт или за кои се слушнало дека сретнале каков било човек, се сомнителни и добиваат „пријателско“ предупредување. Таков прекор ќе добие една млада кобила, која ќе ја стават на столбот на срамот бидејќи некој човек од соседната фарма ја галел по гривата.

Меѓутоа, иако според правилата на фармерската револуција, човекот е најголем непријател и затоа овците блеат дека четири нозе е добро, а две – лошо, на крајот од басната се случува апсурд. Крмакот Наполеон прво ќе се спријатели со луѓето за да може да купува виски од нив, а подоцна ќе почне да оди на две нозе, па за таа пригода свињата-пропагатор Сквилер ќе го подготви хорот овци да пее друга песна и да извикува: „Четири нозе-добро, две нозе подобро!“

Кога животните, кои се бореле против луѓето, ќе проодат на две нозе, токму тогаш свињата-пропагатор Сквилер ќе го дополни правилото дека сите животни се еднакви, со онаа фраза дека, сепак, некои се поеднакви од другите.

И да не бидеме во заблуда, Орвел не случајно ги поделил улогите. Водачите, односно политичарите, ги претставува како свињи, оние што беспоговорно најмногу ги слушаат и ’рмбаат се коњите, во битките со луѓето први гинат гуските, додека паролите ги извикуваат овците. На старото магаре Бенџамин му е дадена улогата на циник, кој смета дека ќе биде лошо, без разлика кој и да владее и што и да се случува.

Иако никој од таборот на ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да признае, сепак тие буквално ја здиплија и приказната на крмакот Наполеон и неговата „револуција“.

Поврзани новости