Предан: Не помогна тоа што Македонија нема амбасадор во Софија

by fokus

Словенечкиот амбасадор Милан Предан во интервју за Радио Слободна Европа вели дека е време Северна Македонија конечно да испрати амбасадор во Софија.

-Мислам дека тоа секако не помогна, да се нема амбасадор и силно дипломатско претставништво во Софија, секако беше причина што можеби комуникацијата не беше како што треба, и не треба да биде кој било. Сега на оваа земја ѝ треба навистина искусен дипломат кој ќе биде во секојдневен контакт со новата влада, бидејќи ова е единствениот начин да се постигне договор и можеби ова е единствениот начин да се скрати времето. Новата влада на Петков зборува за шест месеци, нагласува Предан, чија земја е актуелен претседавач на Унијата.

За договорот од девет точки на бугарскиот премиер Кирил Петков со коалициските партнери во Владата за позицијата кон Скопје, Предан не сакаше да дава коментари, но смета дека има позитивни објави од бугарската страна што некако најавува попрагматичен пристап.

-Во ред, мора да видиме како ќе се развиваат работите. Мислам дека е многу важно овој дијалог со новата бугарска влада да започне што е можно поскоро, бидејќи за да се постигне договор на ниво на ЕУ ќе биде потребен компромис на билатерално ниво. Сега како што споменавме имаме малку несреќна ситуација повторно. Имаме влада во Софија, но, имаме ситуација во оваа земја каде премиерот ќе поднесе оставка што значи дека целата влада ќе поднесе оставка. Ќе имаме тотално нова ситуација и ќе биде потребен најмалку еден месец да се формира нова влада, што значи дека повторно ќе загубиме некое време, вели Предан и додава дека ќе добро новата Влада во Скопје до крајот на јануари да биде веќе поставена.

Поврзани новости