ПОЦ со детали за промените: Ние работиме за граѓаните, а не за угостители

by fokus 15:08
15:08

ЈП Паркинзи на општина Центар испрати предупредување до граѓаните-корисници за градски паркинг, да ги почитуваат резидентните зони за паркирање.

Како што информираа оттаму, во спротивно од 2 декември, корисниците ќе бидат санкционирани со поставување на „блокатор“ или отстранети со „пајак“.

- Advertising -

Директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, порача дека со овие промени, жителите ќе можат да паркираат во резидентните зони во секторот каде што живеат, а не само на својата улица, како што претходно било случај.

ФОКУСНа што се должат измените во паркинзите поради паркирани автомобили во погрешна паркинг зона?

„ЈП Паркинзи на Општина Центар, во април 2019 година, воведе промени во начинот на користење на резидентните паркиралишта со коишто стопанисува за да им овозможи на жителите на општина Центар непречено да ги користат резидентните зони исклучиво за нивните потреби.

Согласно член 1 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за користење на јавните паркиралишта од значење на Општина Центар-Скопје (“Службен гласник на Општина Центар-Скопје” број 18/18) во член 7 ставот (1) кој гласи: “Резидентни паркиралишта се јавни паркиралишта наменети единствено за станарите и жителите на Општина Центар коишто живеат во опфатот на јавното паркиралиште од значење за Општина Центар”, се менува и гласи: “Резидентни паркиралишта и резидентни улици се јавни паркиралишта кои се уредени на начин единствено со намена за станарите и жителите на Општина Центар коишто живеат во опфатот на паркинг секторот каде што се наоѓа односното јавно паркиралиште од значење за Oпштина Центар.

Имено, со овa променa жителите можат да паркираат во резидентните зони во секторот кадешто живеат, а не само на својата улица како што беше случај претходно. Доколку жителите се одлучат да паркираат во друг сектор кадешто не се корисници-резиденти тогаш ќе мора да ги користат исклучиво комерцијалните паркиралишта кои се бесплатни за сите жители на Општина Центар.

Исто така, со оваа промена сакаме да ги поттикнеме жителите на Општина Центар да го користат повеќе алтернативниот начин на градски превоз (велосипеди, електрични тротинети и т.н.) со кој значително ќе се реши сериозниот проблем со паркирањето во општината, како и проблемот со загадувањето на воздухот и животната средина“, вели директорот на ПОЦ, Васко Кичевски.

ФОКУС: Како тоа ќе се одрази на угостителите и гостите, кои не можат да најдат слободен паркинг во близина на локалите?

„Нашето претпријатие работи во служба на граѓаните, а не во служба на угостителите. Гостите на локалите кои се на територија на Општина Центар можат да ги користат само комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар, останатите паркиралишта се наменети за жителите на општината“, додава Кичевски.

ФОКУСНа кој начин семејствата што живеат во тесното градско подрачје, ќе можат непречено да се паркираат?

„Токму затоа ги направивме овие измени на резидентните паркиралишта се со цел семејствата кои живеат на територија на Општина Центар, без да губат по три часа дневно да го паркираат своето возило, да можат непречено да ги користат паркиралиштата во општината во која живеат“, порача Кичевски.

ФОКУСОд кои причини се зголемени цените на месечното паркирање за станарите и што е предведено за оние што имаат потреба од паркирање на повеќе од едно возило?

„Од јуни 2013 година, паркирањето за станарите во Општина Центар е бесплатно и оваа субвенција која жителите ја добиваат од Општина Центар не е променета.

Според Ценовникот на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои управува ЈП Паркинзи на Општина Центар, жителите кои поседуваат второ возило плаќаат месечен надомест од 250 денари, а за трето возило месечен надомест од 1200 денари. Цените за повластените паркинг карти наменети за жителите на Општина Центар кои поседуваат второ и трето возило, од 2013 година па се до овој момент, не се променети“, смета директорот.

ФОКУСКолку катни гаражи има на територијата на Општина Центар и дали ги задоволуваа потребите ?

„ЈП Паркинзи на Општина Центар располага со една катна гаража „Судска палата“ и две монтажни гаражи во Капиштец и Буњаковец.

Во Општина Центар секогаш има недостаток на паркинг места. Надминувањето на овој проблем со паркирањето не може да се темели на драстично зголемување на паркинг места бидејќи со тоа ќе се зголеми веќе високото ниво на аерозагадување и загадување на животната средина. Решението на проблемот го гледаме во подобрување на јавниот превоз и инфраструктурата на алтернативниот превоз (велосипеди, електрични тротинети и т.н.) во градот Скопје. Тоа не значи дека не треба воопшто да се зголеми бројот на паркинг места, но значи дека тоа зголемување треба да биде исклучиво за потребите на жителите.

Со цел да се задоволат нивните потреби, во 2020 година, ЈП ПОЦ заедно со Општина Центар планира да постави нов отворен монтажен паркинг со капацитет од 287 паркинг места во Дебар Маало позади општината. Планот за монтажниот паркинг е веќе во процедура и наскоро ќе биде реализиран“, заврши директорот.

Ј.Ц.

Поврзани новости