Блупринт реагира: Власта се обиде да го цензурира правото на протест

by fokus

Блупринт групата за правосудство остро реагира на предложените измени и дополнувања на Законот за јавните собири, кои Владата ги повлече под притисок на јавноста.
Измените и дополнувањата на законот беа најавени со цел нивно усогласување со новиот Закон за прекршоци во однос на предвидените глоби, меѓутоа финалниот текст на предлогот воедно предвидува скандалозни ограничувања на правото на протест.

– Ваквите ограничувања во отсуство на јасно предвидените услови во Уставот претставуваат цензура на правото на протест, излегувајќи надвор од ограничувањата предвидени во член 11 од Европската конвенција за човекови права и праксата на ЕСЧП. Сите ограничувања на правото на мирен собир и здружување мора да се во согласност со принципот на пропорционалност, поточно мора да постои рамнотежа помеѓу природата и опсегот на ограничувањето и целта која сака да се заштити со таа интервенција од страна на државата. Согласно насоките на Венецијанската комисија за слободата на мирни собири „принципот на пропорционалност бара од надлежните да не наметнуваат рутински ограничувања кои би можеле фундаментално да го изменат темелниот карактер на собирот, како што е на пример преместување на собирите во помалку централни области од градот. Забраната и ограничувањето на собирот секогаш треба да биде последна мерка и треба да се земе предвид само кога помалку ограничувачки одговор не е соодветен, се вели во реакцијата на Блупринт групата.

Според невладината, компаративната пракса од земјите во регионот покажува дека не постои ограничување на просторот предвиден за јавен собир освен во Хрватска, но тоа ограничување се однесува само на 10 метри од објектите каде што се наоѓаат Саборот и Владата и на 20 метри од Уставниот суд.

Блупринт групата за правосудство ја истакнува и својата загриженост за начинот на кој што овие предлог измени на законот имаа тенденција да бидат донесени. Имено, праксата на објавување на нацрт и предлог закони на ЕНЕР, кои преку ноќ претрпуваат промени и кои подоцна значително се разликуваат во финалните текстови, претставува злоупотреба на навидум „отворениот„ процес за носење на законите. На овој начин, придонесот на граѓанските организации кои најчесто учествуваат во унапредување на законските текстови со свои коментари кон нацрт законите, се искористува со цел да се даде легитимитет кон финалните измени.

Иако Владата се предомисли и ги повлече предлог измените на Законот за јавните собири, Блупринт групата за правосудство предупредува дека надлежните институции не можат да си дозволат во едно демократско општество да посегнуваат и наметнуваат ограничувања на правото на протест без претходно да обезбедат пошироки консултации со граѓанското општество.

Според предложените измени, минимум 50 граѓани може да организираат протест, наместо досегашната бројка од 20 луѓе.Покрај оваа одредба, се менуваат и дел од условите за местата каде е забрането да одржуваат јавни собири. Покрај досегашните забранети локации како автопатишта, болници и градинки и училишта, МВР во предлог-законот додава уште неколку одредби во членот 2 – странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, одредба која беше најконтроверзна кај корисниците на социјалните мрежи.

Во предлог-законот исто така се додава одредба во која лицата кои присуствуваат на јавниот собир не смеат да носат средства на лицата и главата кои го отежнуваат утврдувањето на нивниот идентитет, а се одредува и временски период во кој може да се одржува јавниот собир – од 06 до 23 часот.

Со новиот предлог-закон истовремено се дефинира многу подетално улогата на редарите на јавните собири, а драстично се намалуваат и паричните казни за оние кои прекршуваат одредби поврзани со организација на јавниот собир.

Поврзани новости