Од ноември Владата ќе продолжи со процесот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски онаму каде што застана, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Според него, бариера за процесот е распишувањето на изборите што треба да се случи до крајот на следната недела.
-Така се случи и со Судскиот совет, пратениците изгласаа недоверба, Судскиот совет си остана таму. Секој месец си уживаат во привилегиите тие на кои им е изгласана недоверба.
Во некои неврзани кулоарски разговори некои од нив велат-видете, мене партијата таму ме поставила, додека тие не ме отповикаат, ние не си одиме од таму или, пак, кога ќе им дојде редоследот, а знаете кои беа партиите што беа на власт.
Не знам дали е вистина, но такви информации допираат до мене. Факт е дека оние што ги избрале им изгласаа недоверба, а тие не си заминуваат, остануваат таму. Истото чувство е, претпоставувам, и за јавниот обвинител, бидејќи ја слушав неговата изјава – вели Мицкоски.
Тој очекува Собранието да ги распише изборите до крајот на следната недела и да запрат именувањата и назначувањата.
-Сега ние и да сакаме да преземеме нешто не можеме, бидејќи влегуваме во процес на распишани избори, односно од онаа информација што вчера ја добив од Собранието, најверојатно изборите ќе се распишат на крајот на следната недела.
Сите оние процеси, како што се изборите и именувањата и слично, поради ограничувањата на законот, ќе бидат практично стопирани, така што од ноември ние ќе продолжиме со овој процес онаму каде што застанавме – истакна премиерот.