Советот реагира и изразува сериозна загриженост во врска со емисијата „Агнеса шоу“, емитувана на онлајн медиумот А1он, да му даде простор на лицето Марјан Стаменковски, во јавноста познат како поранешен сопственик на ДоказМ.
Сметаме дека медиумскиот простор носи и одредена уредничка и општествена одговорност, особено кога станува збор за гостување и промовирање на лица чие претходно јавно дејствување е поврзано со ширење омраза, ксенофобија, дискредитација и заплашување на новинари и новинарки.
Потсетуваме дека лицето Марјан Стаменковски е правосилно осуден за кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидено во член 394-г од Кривичниот законик, соопштија од Советот на чест при ЗНМ.
„Дополнително, во текот на постапката што ја водеше Основното јавно обвинителство Скопје беа документирани и пријави од две новинарки кои сведочеа за објавување навредливи и дискредитирачки содржини со нивни фотографии, со цел, како што наведоа, да бидат заплашени и да се спречат во извршувањето на својата професионална работа. Во случајот беа упатени и директни закани кон една од новинарките и нејзиното семејство.
На овој начин, повторно се виктимизираат колешки кои во минатото биле директни жртви на неговите напади и јавни дискредитации. Нивните реакции не смеат да бидат игнорирани, ниту нивното претходно искуство со закани и вознемирување да се третира како неважно при одлучувањето кому и под кои услови му се отстапува медиумски простор“ се вели во соопштението.
Советот на честа при ЗНМ информира дека „ја почитува уредувачката независност и слободата на медиумите да избираат соговорници и теми, но смета дека тие права не ја исклучуваат професионалната и етичката одговорност. Слободата на изразување не подразбира и ослободување од одговорност за начинот на кој се обликува јавниот дискурс, особено кога станува збор за лица чие претходно дејствување вклучувало напади врз достоинството, интегритетот и безбедноста на новинарите“.
„Давањето медиумска видливост не смее да значи нормализирање или релативизирање на претходно документирани и судски санкционирани постапки. Особено е важно медиумите да внимаваат нивните програмски содржини да не станат простор за рехабилитација на однесување кое придонесува кон заплашување на новинарите и поттикнување нетолеранција во општеството. ЗНМ ги повикува уредниците и медиумските работници да постапуваат со зголемена професионална и етичка одговорност при изборот на соговорници и да ги земат предвид последиците што нивните одлуки можат да ги имаат врз новинарската заедница, особено врз оние кои веќе биле изложени на закани, вознемирување и јавни напади. Заштитата на слободата на изразување и на достоинството и безбедноста на новинарите се темел на професионалното новинарство и на демократското општество“ стои во соопштението.