Агенцијата за цивилно воздухопловство почна кофинансирање од 50 проценти на почетнички обуки на пилотски кадар од кој има сериозен недостаток. На првиот повик објавен пред еден месец од пријавени 16 кандидати, тестирањата ги поминаа 10, а во понеделник ќе биде распишан нов повик за уште девет кандидати.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на АЦВ Драги Стојаноски денеска врачија уверенија на седум кандидати за приватен пилот на авион PPL-A SEP land, на двајца за пилот на ултралесни воздухоплови (ULPL) и на еден за пилот на едрилица по програма со аерозапрега (SPL).
Стојановски изјави дека за следната година планираат да предвидат двојно повеќе средства за да продолжат со нови обуки за кандидати за понапредни обуки.
-Сега кандидатите ќе завршат почетна обука. Имаме веќе школски центри коишто можат да направат и во Република Македонија напредни обуки. Следната година ќе предвидиме средства и за финансирање за напредни обуки како би можеле дел од тие кандидати коишто ќе завршат да ги искористиме првично за потребите на државните институции.
Имаме недостаток, како што знаете, во ДЗС имаме три авиони, кога се гасат пожари потребни се минимум двајца пилоти на еден воздухплов како би имале соодветна замена, а сега имаме еден пилот редовно вработен и двајца пензионери коишто се вратени по договор.
Таму ни фалат тројца. Фалат и во Агенцијата за цивилно воздухпловство можеби во Министерството за внатрешни работи, итн. Затоа ние сакаме да создадеме основа, база од каде што ќе можат сите овие институции да влечат подоцна соодветен персонал – изјави Стојановски.
Николоски, пак, најави дека ќе продолжи поддршката, изразувајќи надеж дека ќе има нови кадри и за државниот и за приватниот сектор.
-Се покажува дека Македонија може и има капацитет да води големи проекти и да ја вратиме само довербата и достоинството кај народот. Ако во некои времиња навистина било настан да некој се обучи за пилот да некој стекне звање за пилот сме ги знаеле и по име неколку пилоти коишто вкупно ги имала Македонија, еве само денеска почнуваме со обука на луѓе кои веројатно толку не биле обучени во минатото.
Но тука сме, ги согледуваме состојбите и ги решаваме. Ќе продолжиме со поддршката. Тоа е она што ние можеме да го направиме, а тоа е да дадеме поддршка, да стимулираме. Многу е битно дека процесот е отворен и транспарентен.
Се надевам дека на следниот ќе има уште поголем интерес и уште поголем борј на пријавени кандидати. И истите покрај во условно кажано државниот сектор ќе може да бидат ангажирани во приватниот сектор – рече тој.