Министерството за економија и труд ќе презема мерки доколку Државниот пазарен инспекторат утврди зголемување на бруто-профитните маржи над дозволеното, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, одговарајќи на новинарско прашање за движењето на цените, особено пред претстојните празници.
Дурмиши посочи дека доколку Пазарниот инспекторат утврди зголемување на бруто-профитните маржи за над 10 или 15 проценти, Министерството ќе постапува согласно административните процедури и надлежностите што ги има, како што правело и во претходниот период.
Според него, во моментов маржите се стабилни, иако има зголемување на цените. Тој објасни дека тоа делумно се должи на фактот што околу 70 проценти од производите се увезуваат, па домашните трговци ги набавуваат основните производи од странство, каде што се формираат набавните цени.
-Ние не можеме да влијаеме врз цените што ги одредуваат други држави. Нашата надлежност е да ги контролираме бруто-профитните маржи низ целиот синџир, од производителот, преку дистрибутерот, до трговецот. Доколку Пазарниот инспекторат утврди дека маржите се зголемени, особено во овој период кога претстојат празници, нормално е дека ќе реагираме, како што реагиравме и во минатото – изјави Дурмиши.
Тој додаде дека засега маржите се стабилни и оцени дека земјава има најниска инфлација во регионот.