Кандидатката за градоначалничка на Скопје и потпретседателка на СДСМ, Каја Шукова, одржа средба со претставниците на независната културна сцена од Културно-социјалниот простор „Јадро“, на која се разговараше за потребите и предизвиците со кои се соочуваат претставниците на независната културна сцена.
Шукова на средбата посочи дека тие се едни од клучните двигатели на креативниот развој, иновацијата и демократските вредности во нашето општество.
-Како кандидат за градоначалник на Град Скопје, чувствувам одговорност да најавам поголема поддршка за работата на независната културна сцена. Верувам дека културата не е трошок, туку инвестиција во иднината на еден град, во неговата креативност и човечност – рече Шукова.
Таа посочи дека за развојот на независната културна сцена е важно да се создадат слични вакви културни јадра и во другите општини, а дополнително се отвори и прашањето за можноста за зголемување на финансиската поддршка.
-Независната културна сцена претставува важен двигател на културниот и општествениот развој на Скопје и затоа сметам дека заслужува поддршка.
Потребно е да се обезбедат услови за проширување на просторните капацитети но и да се размислува за отворање на слични културни јадра и во другите општини.
Затоа и ќе се заложам за обезбедување поддршка не само во простор, туку и зголемена финансиска поддршка за програмските активности на независната сцена која активно твори и придонесува за културниот живот во градот Скопје – рече Шукова.