Пораснаа цените на житото на светскиот пазар по повлекувањето на Русија од договорот за извоз на жито

by Fokus

Цените на житото на светскиот пазар нагло скокнаа откако престана да важи Договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море.

Ненадејниот скок на цените е поттикнат од потегот на Москва, која соопшти дека нема да го продолжи договорот, бидејќи не е исполнет делот кој се однесува на Русија.

„Москва ќе се врати на спроведувањето на Црноморскиот договор штом почнат да се исполнуваат обврските наведени во меморандумот меѓу Русија и ОН за отстранување на пречките за извоз на руски прехранбени производи и ѓубрива“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според српските агроекономисти цената на пченицата во Србија тешко може да ја достигне онаа од времето на сеидба, кога се продавала за 38 динари. Според нив целокупната ситуација на светскиот пазар секако ќе се одрази и на цените во Србија како и на оние во регионот.

Најавата од руска страна дека ќе се повлече од договор влијаеше на регионалниот и светскиот пазар, па веќе има одредено зголемување на цената на пченицата.

Договорот за извоз на жито е склучен на 120 дена, а во ноември лани е продолжен за уште 120 дена и во март годинава за уште 60 дена.

Од почетокот на август минатата година до 10 јули годинава, од три украински пристаништа на Црното Море се извезени 32 милиони тони жито во 45 земји на три континенти, објави минатата недела ОН.

Најмногу жито беше извезено во Кина, речиси осум милиони тони. Следат Шпанија и Турција со шест, односно 3,2 милиони тони. Меѓу петте главни увозници се Италија и Холандија со 2,1 и два милиони тони жито, соодветно.

Поврзани новости