Ако исходот од локалните избори генерално може да се претпостави во македонскиот блок, при што единствена енигма е колкав пад во гласови ќе имаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во споредба со ланските парламентарни избори, тогаш многу понеизвесна и непредвидлива е ситуација во, условно кажано, албанскиот блок, каде се поставува и прашањето како ВЛЕН и Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ ќе ги толкуваат изборните резултати?
Имено, и двете страни велат дека нема да има никакви дилеми, бидејќи ќе победат според сите параметри – број на гласови на советничките листи, број на градоначалници и поголем број на освоени т.н. големи и значајни општини. Сепак, евидентно е дека владејачката коалиција ВЛЕН поголем акцент става на градоначалничките позиции, пред се на урбаните центри со големо политичко и симболично значење, од кои се издвојуваат Чаир и Тетово, каде впрочем ќе се судрат лидерите на коалицијата со двајца потпретседатели на ДУИ.
Што се однесува до скопската општина Чаир, Изет Меџити од ВЛЕН се бори за четврти градоначалнички мандат против некогашниот сопартиец од ДУИ Бујар Османи. Во интервју за „Фокус“, Меџити рече дека резултатите во Чаир, како една од најважните општини, ќе испратат јасна политичка порака и ќе го рефлектираат расположението на гласачите. Тој е убеден дека ќе победи поради, како што истакнува, супериорната програма и довербата што граѓаните ја имаат во неговата способност да ги реализира ветените проекти.
-Во Чаир очекувам чиста и убедлива победа уште во првиот круг. Енергијата на терен, масовната поддршка на нашите собири и позитивниот прием на нашата програма ми даваат целосна сигурност во тоа. На ниво на коалицијата ВЛЕН, очекувам сериозен пробив и победа во клучните урбани центри, што ќе го потврди новиот политички правец кој го трасиравме. Ќе имаме победи во сите општини во кои до сега управуваме, битката со ДУИ ќе е на нивен терен. Се бориме за победи во општини каде што до сега лошо управуваше ДУИ – вели Меџити.

Одговарајќи на прашањето што доколку има ситуација ВЛЕН да освои повеќе градоначалници во големи општини, како резултат на соработката со ВМРО-ДПМНЕ, а притоа коалицијата на ДУИ има поголем вкупен број на градоначалници или повеќе советници, т.е. гласови на советничките листи , односно како би го толкувале овој изборен резултат, тој вели дека „вистинската мерка за изборниот успех не е само во простата аритметика, туку во политичката тежина на победите“.
–Освојувањето на големите, стратешки општини каде живее најголем дел од популацијата и каде се концентрирани најголемите предизвици, претставува јасен мандат за промени. Тоа е показател кој ја има довербата да ги води најважните процеси. Победата во општини како Чаир, Тетово или Струга има далеку поголемо политичко значење отколку победа во неколку помали, рурални општини. Затоа, за нас, квалитетот на победите и мандатот добиен од граѓаните во урбаните средини ќе биде најрелевантниот показател за успехот. Иако победите во руралните средини за нас ќе се и најубавата победа, токму таму каде што ДУИ се смета за неприкосновена. Почекајте, ќе видите дека ќе има многу изненадувања – изјави Меџити.
(ИНТЕРВЈУ) Изет Меџити: За граѓаните на Чаир, изборите се референдум за квалитетот на живот!
Исто така, прашања упативме и до неговиот противкандидат од ДУИ Османи, кој првично прифати да реализираме предизборно интервју по писмен пат, но до денес, т.е. до последниот ден пред почеток на предизборниот молк тој не одговори на нашите прашања. Меѓу другото, го прашавме:
-Дали имавте лична амбиција да станете градоначалник на Чаир или пак вашата кандидатура главно се базира на партиски и политички аргументи дека токму Вие сте кандидатот кој најмногу може да и донесе победа на ДУИ и коалицијата што ја предводи во оваа исклучително битна скопска општина?
-Ако загубите во Чаир, какви последици тоа би имало врз Вас и Вашата политичка кариера, бидејќи одредени политички аналитичари Ве гледаат како можен иден лидер на ДУИ? Па, имате ли такви амбиции и дали исходот во Чаир ќе биде клучен за таквите Ваши амбиции?
-Каков генерален изборен исход очекувате на локалните избори во, условно кажано, албанскиот блок? Ако ДУИ како партија претрпи јасен и недвосмислен пораз според сите параметри (број на градоначалници, битни и големи општини, број на советници), дали се можни посериозни кадровски реформи во партијата, вклучително и избор на нов лидер?
-Зошто како ДУИ одлучивте голем број на битни општини да им отстапите на Села и на Таравари? Ако сте сигурни во довербата кај граѓаните, зошто тогаш на ДУИ му е потребна толку широка коалиција против ВЛЕН, бидејќи не така одамна ДУИ велеше дека секогаш победувала сама и притоа ги повикуваше сите останати албански партии да се обединат за да не се фрагментира и дефакторизира гласот на Албанците?

Инаку, Османи во неколку наврати порачува дека убедливо ќе победи во Чаир, а коалицијата НАИ предводена од ДУИ ќе постигне убедлива победа на овие локални избори, по што, според него, ќе следуваат предвремени парламентарни избори во март-април следната 2026 година. Како што тврди тој, по вонредните избори ќе има и нова влада која, според него, ќе го откочи европскиот процес, ќе го врати соживотот и економскиот просперитет на земјата.
–Ова е борба помеѓу граѓаните на Чаир од едната страна и една клика, група луѓе што владееле и го ограбувале Чаир дваесет години. И сакам да кажам дека народот ќе победи, ние ќе победиме, затоа што самите го слушаме тоа, на секоја улица и во секој агол на Чаир. Очекувањата на луѓето што бараат промена, повиците за ослободување, гласовите што бараат да се скинат синџирите на корупцијата, хаосот и узурпацијата.
Светот разбра дека оваа ситуација е неодржлива, и само со едно излегување на гласање на 19-ти октомври ќе постигнеме многу победи: ќе го ослободиме Чаир од канџите на корупцијата, ќе го освоиме градот Скопје, ќе ја урнеме најантиевропската и најантиалбанска влада што ја имала оваа држава, но и ќе ја урнеме мицковистичката идеја што сака повторно да воспостави моноетничка доминација овде – порача Османи на митингот во Чаир.
Во рамки на предизборното телевизиско соочување, пак, Османи и Меџити си разменија сериозни обвинувања. Од една страна, Османи го обвини Меџити за стотиците дивоградби во општината, додека Меџити возврати дека Османи поседува и живее во дивоградба. Патем, Меџити истакна дека го донел Османи од ДПА во ДУИ, како одговор на изјавата на Османи дека Меџити ја изневерил довербата што му ја дале ДУИ и Али Ахмети.
Влатко СТОЈАНОВСКИ