Александар Лазаров-Цуна, кој пред четири месеци беше приведен поради дрога, а потоа избега преку прозорец од полициската станица во Кочани, е осуден на две години и шест месеци затвор, објави „Скопје1“.
Тој самиот признал вина за делото.
Пресудата во Основниот суд во Кочани ја изрекла судијката Катерина Цоневска, која при одмерувањето на казната ги ценела олеснителните и отежителните околности.
Тој беше гонет од Обвинителот по членот 215 за „Неовластено произдство и пуштање во промет на наркотични дроги“, а пак ставот два наложува дека ако количеството е помало, сторителот да се казни со затвор до три години.
На Лазаров му е продолжена и мерката притвор до правосилноста на пресудата.
Тој пред четири месеци беше во центарот на вниманието на јавноста откако успеа да избега од полициската станица во Кочани, каде што беше приведен поради сомнение за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
По неговото бегство преку прозорец од полициската станица, беше организирана потрага, а по него беше распишана и меѓународна потерница.
Четири дена подоцна, Лазаров беше лоциран и уапсен од полициски службеници во Скопје.