Сара Ѓорѓиеска со видливи модрици на лицето се појави во Основниот суд во Охрид, каде што требаше да започне судењето против обвинетиот Кристијан Корабоски кој ќе одговара за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Во судницата беа присутни и родителите на Кристијан, но не се појави обвинетиот кој е во притвор, објави „Скопје1.мк“.
Одбраната на Кристијан бара изземање на јавниот обвинител кој постапува во предметот, сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство во Охрид, судиите, како и претседателот на охридскиот суд.
Адвокатот Ѓоко Шајн, полномошник на оштетената Сара Георгиевска, по рочиштето информираше дека барањето за изземање на судиите е одбиено.
„Не започна судскиот процес против обвинетиот Кристијан Корабоски. Имаше поднесено барање од одбраната на обвинетиот за изземање на јавниот обвинител кој постапува во овој предмет и сите обвинители на ОЈО Охрид. Имаше и барање за изземање на судиите. Поднесено беше и барање за изземање на претседателот на судот во Охрид. Одбиено е барањето за изземање на судиите“, рече Шајн.
Запрашан за причините поради кои одбраната ги поднела ваквите барања, Шајн оцени дека станува збор за обид за одолговлекување на судскиот процес.
„Сметам дека е поради одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста“, додаде адвокатот.
Кога ќе започне судскиот процес против Корабоски сега зависи од одлуките на надлежните институции по преостанатите барања за изземање.