Според истражувањето на германското здружение за дигитализација Битком, просечниот заинтересиран купувач поминува седум часа онлајн барајќи го она што го сака, по цена која е подготвени да ја плати. Но, ова важи за време на „Блек Фрајдеј“ попустите кои се случуваат во последниот петок од ноември.
Во Македонија тоа време беше зголемено на 30 дена затоа што трговците со агресивна маркетинг кампања на социјалните мрежи од „Црниот петок“ кој секаде трае само еден ден, односно во последниот петок од ноември, прво направија „Црна недела“, па потоа „Црн месец“.
Ова е еден од новите трикови на трговците кои од граѓаните се почесто се критикувани дека македонската верзија на американскиот „Блек Фрајдеј“ не го нудат она што го ветиле и дека попустите се всушност минимални и на производи од постара генерација.
Во САД, колевката на ова шопинг лудило, се нудат вистински попусти од 70% на веќе намалените цени, но само на одредени производи со одредена количина и затоа купувачите се тепаат буквално пред маркетите.
Во Македонија трговиците нудат наводно големи попусти цел месец, па потоа ги „зголемуваат“ попустите за уште некој процент, а дополнително намалување на цените има денес, на „црниот петок“.
Во некои продавници намалувањето е и до 70 отсто, но само на флаерот. Кога ќе влезете во продавницата, ќе видите дека тоа е попуст за модел на телевизор стар пет години кој го нема на залиха и е единствено парче во синџир од 20 продавници. Кај новите производи попустите се движат од 5 до 20 отсто.
– Сакав да купам машина за перење. Пред еден месец во рамки на една акција за бела техника беше намален за околу 6000 денари. Решив да го почекам „црниот петок“ кога и попустите се најголеми, но денес се шокирав бидејќи производот за само еден денар повеќе. Можеби ова не е измама, но е нечесно да им понудиш на купувачите намалување од еден денар – изјави револтиран купувач кој пазареше во трговски центар во Скопје.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија апелираат до купувачите да внимаваат и да не наседнуваат на маркетинг-триковите на трговците. Според Законот за заштита на потрошувачите, цената што важела пред 30 дена се зема како основа за попустот, а не попустот на цената што бил на почетокот на годината.
Според Организацијата на потрошувачи, попустите не смеат да бидат изразени само во проценти, туку покрај процентот треба да стои и намалената цена за да не се доведат купувачите во заблуда и да видат колкав е попустот.
Овие трикови на трговците не се недозволени, а по „црниот петок“обично цените се враќаат на старо. Оваа нефер трговска практика е казнива според новиот Закон за нефер трговски практики ако Државниот пазарен инспекторат утврди злоупотреби на терен.
Од Организацијата на потрошувачи апелираат граѓаните внимателно да ги проверуваат цените и условите за купување, бидејќи атрактивните попусти не секогаш значат и реална заштеда.
Акциската продажба може да трае најмногу 30 дена, додека промотивната продажба до осум дена. Дополнителните трошоци за транспорт, монтажа или други услуги не смеат да бидат прикриени со ситни букви.
Особено внимание се препорачува при купувањето преку интернет, каде што понудите и цените брзо се менуваат. Потрошувачите треба да зачуваат фотографии од понудите и податоци за нарачките, кои подоцна би можеле да послужат како доказ при поднесување поплака.
Кај електронските уреди, големите намалувања неретко се однесуваат на постари модели или производи што подолго време стоеле во магацин, додека кај облеката и обувките попустите често важат само за одредени броеви и ограничен асортиман.
Од Организацијата на потрошувачи бележат годишен раст на поплаките од 15 до 20 проценти. Најчестите проблеми се поврзани со неиспорачани производи, сервисирање, рекламации, враќање на парите и производи што не одговараат на рекламираните карактеристики.
Кога спорот не може да се реши преку директна комуникација или посредување со трговецот, случаите се упатуваат до Државниот пазарен инспекторат.
Дополнителна загриженост предизвикува и растот на цените на основните прехранбени производи. Според сознанијата на Организацијата на потрошувачи, дел од производите во основната потрошувачка кошничка веќе бележат поскапувања од пет до 10 проценти.
О.К.