Почна уривањето на нелегалните објекти на најатрактивните плажи во Охрид

by Fokus

Под силно полициско обезбедување денеска почна најавуваната акција за отстранување на нелегалните градби и урбана опрема од плажите во градското подрачје на Охрид.

За почеток се отстранува и демонтира платформата во езерото пред „Куба Либре”, една од најатрактивне плажи и локации на источниот брег на Охридското Езеро.

Акцијата беше очекувана со оглед што уште пред една седмица во близина на неколкуте плажи зад мостот на Студенчишкиот канал кај Охрид беше распоредена механизација, а вчера сите објекти во тој дел беа исклучени од системот за напојување со електрична енергија.

Во врска со денешните активности од Општина Охрид истакнуваат дека локалната самоуправа е цврста во намерите да стави крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите на охридското крајбрежје.

-Повеќе нема да биде толерирано нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми, кои без договори за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото, се наведува во соопштението од Општина Охрид.

Поврзани новости