Почина маестро Александар Џамбазов: По 25 години, со својата Анче!

by fokus

Легендарниот музички композитор и диригент Александар Џамбазов (86) починал денес во Скопје, објави неговиот син, актерот Игор Џамбазов.

Маестро Џамбазов зад себе остави богат музички опус. Автор е на многу дела од класичната музика, на детски песни, на филмска и сценска музика.

Добитник е на низа на награди.
Беше во брак со актерката Анче Џамбазова, со која покрај синот Игор ја имаат и ќерката Тања.

-Си замина нашиот маестро, тивко и нечујно како што живееше во последните 25 години. Од денес, конечно со својата Анче. Вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој, напиша Игор на социјалните мрежи.

Неговата ќерка Тања пак, вчера објави линк документарен филм со него, заблагодарувајќи се на партнерката на Игор, Илина Арсова, затоа што го нашла филмот.

-Ми се наполни срцето и ми се направи голема грутка во грлото, преубави времиња и посебен човек, тато. Благодарам на сите кои го направија овој документарец, споделете го со вашите дома, ќе им биде ќејф – напиша таа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости