Почина композиторот Томе Манчев

by Fokus

Синоќа ненадејно почина истакнатиот македонски композитор проф. д-р Томе Манчев, соопшти денеска Сојузот на композитори на Македонија.

Томе Манчев беше истакнат композитор, педагог, музички писател, истражувач и општествен деец.

Роден е во 1950 година и беше еден од најистакнатите претставници на македонската музика од преминот меѓу 20-тиот и 21-виот век. Автор е на обемен творечки опус кој се распростира на речиси сите музички жанрови, но главниот белег го остави во оркестарското творештво.

Благодарение на своите темелни и систематски студии во Македонија (Властимир Николовски) и во странство (Чешка – J. Дворжачек и Ј. Церемуга и Бугарија – Д. Сагаев) внимателно ги изучи и истражи техниките на компонирање и оркестрирање на дваесеттиот век што, натаму, најде одраз во неговите многубројни оркестарски композиции.

Томе Манчев беше долгогодишен активен член на Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ. Добитник е неколкупати на наградата „Панче Пешев“ во 2002, 1996 и 1989 за најдобро македонско дело во претходната година како и на наградата „Трајко Прокопиев“ за 2009 година, која СОКОМ ја доделува на композитори и музиколози за животно дело.

Томе Манчев до неодамна беше професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, благодарение на што неговиот изграден творечки опис е пренесен на низа помлади македонски композитори, од кои некои веќе се носители на современиот музички живот кај нас.

Погребот на професор д-р Томе Манчев ќе се одржи утре во неговиот роден град Гевгелија.

Поврзани новости