Битиќи: Владата прераспредели над 6,5 милијарди денари за реализација на економските мерки

by Fokus

Мерките што Владата ги презема за справување со штетните последици врз економијата се навремени, сеопфатни и насочени кон оние кои се најпогодени од кризата со корона вирусот, посочи Фатмир Битиќи од СДСМ.

„Владата веќе прераспредели повеќе од 6,5 милијарди денари од Буџетот за имплементација на економските мерки со кои се опфаќаат 250.000 вработени и над 35.000 компании.

Малите, микро и средни претпријатија покажуваат голема заинтересираност за бескаматните кредити.

Досега одобрени се бескаматни кредити за 136 компании со 1.737 вработени.

Поради големиот интерес за оваа конкретна помош, Развојната банка го зголеми буџетот и обезбеди дополнителни 8 милиони евра кои им се ставени на располагање на микро, малите и средните претпријатија.

За да ги зачуваме работните места, но и никој да не остане без приходи додека трае кризата, Владата обезбедува 14.500 денари за сите вработени во погодените компании за месеците април и мај, а истата мерка се однесува и за занаетчиите, спортските работници и самостојните дејности.

Покрај оваа мерка, фирмите можат да изберат и помош за покривање на 50 отсто од трошоците за придонеси на секој вработен.

Преку мерките и политиките што ги презедовме во изминатите две и пол години, создадовме стабилна економија подготвена да се носи со глобалните закани.

Но, сега е време на солидарност и меѓусебно помагање. Затоа следува кратење на непродуктивните трошоци, кратење на платите на именуваните и избрани функционери на локално и централно ниво.

Справувањето со здравствените и економските последици од оваа криза од сите нас бара одговорност посветеност и крајна сериозност.

Како одговорна партија продолжуваме заедно со граѓаните, со стопанството да создаваме мерки и политики што значат еднаква помош за сите. За нас, секој е важен!“, додаде тој.

Поврзани новости