ВМРО-ДПМНЕ со завршен митинг во Прилеп – Излезете на избори за да не не уценуваат

by fokus

Во предвечерието сме на финалната одлука дали Македонија ќе му ја вратиме на народот или ќе остане заробена, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на завршниот митинг во Прилеп на Коалицијата „Твоја Македонија“.

-Оваа нашата Македонија е градена на темелите на Илинденците, од солзите и лелекот на нашите мајки. Ова е можеби последната шанса зашто духовните темели станаа приватни. Ве повикувам сите да излезете на изборите за да не не уценуваат, рече Мицкоски.

Кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова рече дека ќе биде претседател на сите граѓани.

-Сите ние да направиме заеднички исчекор, нов АСНОМ, четвртиот Илинден. Во овие 30 години, особено во овие мачни седум години се изнагледавме чудни нешта. На 8 мај да ја повториме лекцијата од 24 април. Народот легитимира и делегитимира. Да поставиме темел за горда Македонија. На 9 мај ќе почне нова демократска историја и не дозволувајте оние кои повикуваат на бојкот да го суспендираат вашето право на глас на избор, рече Давкова.

На вечерашниот завршен митинг на ВМРО-ДПМНЕ носителот на листата во ИЕ 4 Александар Николоски рече дека изборот не бил никогаш полесен.

-На 8 мај одлучуваме дали во паника, Али Ахмети, Талат Џафери, Артан Груби и Бујар Османи ќе ги враќаат духовите од минатото и ќе ги бакнуваат знамињата на УЧК или ние гордо ќе ги вееме нашите македонски знамиња. На 8 мај одлучуваме дали Македонија ќе се доиспразни или ќе има одговорност за криминалците. На 8 мај одлучуваме дали во Македонија ќе се градат патишта или Венко Филипче и Благој Бочварски ќе монтираат неизградени патишта на компјутер како луѓето да не гледаат што се случува, вели Николоски.

Тој кажа дека овие избори се и за слобода на уставобранителите и правда за онеправдените.

-Овие избори се и за слобода на уставобранителите и за правда на онеправданите. Овие избори се за над 3,000 семејства пред се членови на ВМРО-ДПМНЕ кои беа жртва на политички прогон во изминативе шест и пол години. Овие избори се за правда, економски напредок за едно ново утре за сите вас, за сите нас, дециден е Николоски.

Поврзани новости