По завршувањето на Парадата на гордоста, ЛГБТИ лице било нападнато и повредено од малолетници

by fokus

Иако за време на Парадата на гордоста, која во саботата се случуваше во Скопје, целиот настан поминал во ред, сепак по завршувањето на истиот се случил физички напад.

Од Скопје Прајд 2021 информираат дека тројца малолетници нападнале ЛГБТИ лице во центарот на Скопје и му нанеле повреди.

-Иако самиот настан помина во најдобар можен ред, ни се случи несакано дежаву во форма на физички напад по завршувањето на Прајдот. Сторителите се пронајдени. Станува збор за тројца малолетници, што нападнаа и му нанесоа повреди на ЛГБТИ лице во центарот на Скопје и сега ќе се соочат со отежнувачката околност на дело сторено од омраза.
Цената на нетолеранцијата кај нас редовно и најмногу ја плаќаат младите, и како жртви, и како извршители на кривични дела од омраза, и тоа е една од главните пораки што сакаме да бидат чуени. Не може сеењето омраза да се пакува како вистинска грижа за децата – известуваат од Скопје Прајд 2021.

Исто така, појаснуваат дека биле поднесени повеќе пријави до МВР поради говор на омраза. Додаваат дека и покрај сите изливи на омраза и напади, нивната борба продолжува.

-Изминатиов период засилено го следевме говорот на омраза по основ на сексуална ориентација и родов идентитет, а повеќе пријави се веќе поднесени до МВР. Прајдот е очекувано повод за експлозија од коментари на социјалните мрежи, но тешкото е што тој наратив го живееме секојдневно – изливи на омраза, лажирани факти, понижувања и дехуманизација, и целото насилство кое се изродува од сето ова.

Нападот по Прајдот беше еден брз „reality check“ и тоа додека уште траат моментите на добро исполнет и радосен ден. Отрезнување кон она што сите добро го знаеме, дури и кога инспиративната атмосфера на заедништво и солидарност ќе нѐ направи еуфорични.
А тоа е дека борбата е постојана и дека меѓу деновите кога славиме протестирајќи, и понатаму е потребно засолниште за прогонетите, психолошка поддршка на трауматизираните, правна помош, здравствена и социјална грижа и други начини да им се излезе во пресрет на најранливите и помалку привилегираните.

Организациите-членки на НМХТ се целосно посветени на оваа мисија и продолжуваме со сите свои сили, љубов и ентузијазам да работиме на промените. Без сомнеж и без оглед на етикетите, што од разни страни ги добива нашиот граѓански активизам, порачаа на својата фејсбук страница.

Им се заблагодарија на волонтерите, на уметниците кои настапија на настанот и на сите кои на било каков начин дале своја поддршка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости