По последната сообраќајка Дарко Лазиќ наместо во затвор, доаѓа во Кавадарци на Тиквешки гроздобер

by fokus

По последната сообраќајна несреќа која ја предизвика српскиот пејач Дарко Лазиќ, кога минатата недела поради неприлагодена брзина на џипот кој го управувал, налетал на комбе, тој нема да оди во затвор.
Како што објавија српските медиуми, му била изречена казна во износ од 150.000 динари (околу 1.300 евра), како и одземање на возачката дозвола во траење од десет месеци.

Апелите на голем дел од српската јавност, дека Лазиќ треба да заврши во затвор поради големиот број на сообраќајни несреќи кои ги предизвикал возејќи без возачка дозвола, со преголема брзина, како и тоа што паричните казни кои му се изрекувале во минатото немале ефект и тој го повторувал прекршокот, останаа неслушнати. Тој останува на слобода, а за помалку од две недели доаѓа во Македонија.

Пејачот е најавен како музички гостин на манифестацијата Тиквешки гроздобер, во Кавадарци, на 10-ти септември, а неговиот настап ќе започне во 21 часот. Предвидено е да настапува до 22.45 минути, по што започнува концертот на главната музичка ѕвезда на гроздоберот, Лепа Брена.

Според Дамир Окановиќ, директор на Комитетот за безбедност во сообраќајот, кој во интервју за српскиот медиум Ало појаснува за случајот со Лазиќ, станува збор за прекршител, кој го повторува делото повеќепати.
Тој открива дека на Лазиќ трајно му било забрането управување со возило на територијата на Србија, и покрај тоа што пејачот поседувал возачка дозвола од друга земја. За ова дело се изрекувала парична, но и затворска казна во траење од 15 до 60 дена, но сепак музичарот повторно успеал да ја избегне затворската казна, и продолжува со настапите во регионот.

Како потсетување, пејачот со години наназад ги полни страниците на регионалните медиуми со скандалозно однесување, како во приватниот живот, така и зад воланот.
Десетици пати бил казнет поради управување на возило без возачка дозвола, имал пријави поради пребрзо возење, а во 2018 година имаше тешка сообраќајна несреќа, по која помина повеќе од еден месец во болница и беше животно загрозен.

Вики Клинчарова

Поврзани новости