По петти пат ја имаме најубавата девојка на Медитеранот, а за најубава девојка на свет немаме пари

by Fokus
Осумнаесетгодишната Андријана Илиоска од Скопје е Мис на Медитеранот за 2018 година, откако ја освои титулата на интернационалниот избор во Киренија, Кипар. Убавицата е дел од модното студио ,,Црнокрак’’, кое ја има лиценцата за изборот.

На истиот избор, уште пред петнаесет години, за време на неговото прво одржување, победничката исто така била од нашата земја. Тогаш со титулата се закитила Маја Лазаровска, а потоа, 2015 година победила Симона Станковска, во 2016 година – Теодора Миљковиќ, а минатата година како најубава била прогласена Евгенија Ризова.

Девојки од Македонија често се враќаат од интернационалните избори за убавина со награди. Сепак, веќе две години наназад, кога е во прашање најстариот и најпопуларниот избор за убавина во светот, Мис на свет, ние немаме наша претставничка. Учеството на Мис на свет 2018 година исто така лебди во воздух, и се уште нема ниикаква официјална информација дали воопшто ќе се случи.

Сопственичката на лиценцата за овој избор, и воедно сопственичка на агенцијата ,,Мис М’’ ,поранешната Мис на Југославија, Лидија Велковска, поради финансиски причини ја остава земјава без своја претставничка. Како што ни изјави во повеќе наврати, нема доволно пари за организирање на достоинствен избор и за покривање на трошоците на мисицата за време на одржувањето на изборот, а ниту една државна институција не и излегла во пресрет.

Македонија ја имаше својата последна претставничка на Мис на свет во 2015 година, моделот Емилија Розман, која Велковска ја испрати на настанот по свој избор. Во годините наназад, таа во неколку наврати јавно апелираше до власта дека и е потребна финансиска помош за да може да има достоинствено претставување на земјава.

Пред четири години, Велковска преку медиумите се обрати до сопругата на Претседателот Ѓорѓе Иванов, Маја Иванова, и апелираше дека и е потребен државен буџет од околу 35.000 евра за домашниот избор, но од кабинетот на претседателот одговорија дека нема да ја поддржат манифестацијата.
-Како што спортистите не претставуваат со годост низ целиот свет, како што тоа го прават фолкерите и поп пејачите, исто е и со мисиците. Уморна сум секоја година да гледам како се прави циркус од домашниот избор, како постојано сум посочувана како главен виновник што изборот поминал на ниско ниво, па затоа еве јавно апелирам до заинтересираните министерства, а секако и до госпоѓата Маја Иванова која што доста ја почитувам, да се најде трајно решение и да ми се помогне. Со само околу 35.000 евра годишно, јас ќе можам да го организирам целиот настан како што доликува. Не сакам да се пишува за случки како на пример дека мисицата немала фустан за изборот, дека немаме доволно финансии да и купиме авионска карта и слично – порача тогаш Велковска.

И покрај тоа што нашите девојки нижат успеси на голем број на интернационални избори за убавина, и оваа година е неизвесно дали ќе имаме наша претставничка на најпрестижниот настан, кога е убавината во прашање. Велковска не е достапна за коментар и не одговара на нашите телефонски повици и пораки, со цел да дознаеме дали поднела барање за субвенционирање на изборот до државните институции, за Мис на свет 2018 година, или евентуално спонзори од приватниот сектор и излегле во пресрет.

Вики Клинчарова


Поврзани новости