Шиповиќ ќе ја тужи државата за осумте месеци во притвор: Чавков кој е обвинет за тероризам го ослободија со гаранции, нас нѐ не фермаа

by fokus

Поранешниот претседавач со Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, спрема тужба против државата затоа што осум месеци бил држен во притвор иако немало основ за тоа, вели тој. Шиповиќ беше приведен откако доброволно се врати од странство во Македонија кога беше покренато обвинение против него.

Поранешниот советник на Центар вели дека судот употребува двојни аршини, во случајот со Митко Чавков судот му ги прифати гаранциите иако кривичното дело тероризам за кое се товари е далеку потешко од делото „злоупотреба на службената положба“ кое му се ставаше на товар на Шиповиќ. Во случајот со „Машинопромет“ судот не ги прифати гаранциите на Шиповиќ и останатите обвинети.

На својот фејсбук профил Шиповиќ вчера напиша дека нема време за скара, затоа што ја спрема тужбата. Според документот што го објави барањето на обвинетите да бидат пуштени од притвор и да гарантираат со имот дека нема да ја напуштат државата, било одбиено од судот како неоснован.

„Сум бил семеен човек, неосодуван, сум бил глуп па сум дошол во Македонија да ме судат. Ама малце гаранција сум дал. А Чавков колку штета направил? 600.000 евра? Зошто двојни аршини?“, напиша Шиповиќ алудирајќи на понудените гаранции од Чавков во износ од 600.000 евра.

Во 2014 година, пак, Шиповиќ и обвинетите во случајот „Машинопромет“ понудија гаранции од 1,5 милион евра. Обвинението ги товараше дека направиле штета во помал износ, односно 1 милион евра.

-Ги обезбедивме парите, но ништо. Тоа беа станови на мој братучед, на жена ми, на мајка ми и татко ми. Од судот, пак, беше пуштено писмо дека во случај на пресуда гаранцијата ќе може да се искористи за надомест на штета. Така можевме да остане без имот – вели Шиповиќ за „Фокус“.

И покрај повисоката гаранција од наводната штета, никој од притворените не бил ослободен.

-Знаеја дека сум невин, и јас знаев и тие знаеја, а сепак ме затворија. Четири-пет пати баравме ослободување, но ништо.  Во мене врие тоа што ми го направија. Јасно е дека власта беше против мене. Кога обвинет за тероризам го пуштаат да се брани од слобода, зошто ние лежевме во затвор? Тоа е невидена работа. Огорчен сум, државата ми ја направи штетата и државата ќе ја судам – додава тој.

Случајот „Машинопромет“ на крај падна пред суд. Обвинителот го повлече обвинението, а Кривичен суд процени дека нема кривични дела. Шиповиќ вели дека клучно било вештачњето кое покажало дека нема незаконитости во водењето на фирмата „Машинопромет“, а кое судот неколку пати одбивал да се направи.

Шиповиќ веќе има поднесено тужба пред Судот за човекови права во Стразбур за несразмерен притвор. Процесот е во тек. Државата ќе ја тужи во домашните судови затоа што бил притворен воопшто.

М.В.

Поврзани новости