По одликувањето од Вучиќ, Гренел на средба со Ахмети: Никогаш немало разговор за размена на територии!

by Фокус

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, заедно со високиот функционер Артан Груби синоќа остварил средба со Ричард Гренел, поранешен специјален пратеник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Србија и Косово.

Гренел бил и шеф на американската Национална разузнавачка служба, а како што информира Ахмети, на средбата станало збор за состојбата на Косово и за судењето во Хаг на поранешниот косовски претседател на Косово Хашим Тачи.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ пред два дена го одликува Гренел со орден на српското знаме од прв ред за неговите залагања за мир и за јакнење на врските меѓу САД и Србија.

„На средбата разговаравме за случувањата во регионот, особено меѓу Приштина и Белград и заедно заклучивме дека нормализацијата на односите преку взаемно признавање ќе донесе траен мир во целиот регион. Разговаравме и за процесот во Хаг против поранешниот претседател Хашим Тачи и другите борци за слобода кои се држат во неправедно пролонгиран процес.

Господинот Гренел ме информираше дека никогаш, со ниту еден политички лидер од регионот, не разговарал за можноста за размена на територии меѓу Косово и Србија за која се шпекулира во медиумите, што беше поздравено од мене“, објави преку соопштение лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Поврзани новости