По Филков и Љутков, и Ристовски созреа за реконструкција, Стојаноски ќе биде министер за здравство

Кон крајот на ланската година, „Фокус“ објави дека министрите за правда и култура, Игор Филков и Зоран Љутков, се на излезна врата од Владата. Според најновите информации до кои дојдовме, на листата со министри зрели за реконструкција се приклучил и Борко Ристовски, кому, меѓу другото, му се забележува дека влегол во конфликт со голем број на спортски федерации. Неофицијално дознаваме дека се очекува и трампа на ресори меѓу коалициските партнери, така што главен кандидат за нов министер за здравство е Синиша Стојаноски.

by vlatko 11:47
11:47

Министерот за спорт, Борко Ристовски, влезе на списокот на владини министри кои се созреани за реконструкција, каде, како што веќе објави „Фокус“ кон крајот на ланската година, веќе беа впишани министрите за правда и култура, Игор Филков и Зоран Љутков.

Според најновите информации до кои дојдовме, овие тројца министри речиси сигурно ќе бидат опфатени со владината реконструкцијата што премиерот Христијан Мицкоски ја најави за периодот мај-јуни.

Имено, нашите извори велат дека Мицкоски веќе извесно време е незадоволен од Филков и Љутков, но во последно време сериозни забелешки имал и кон Ристовски, бидејќи, покрај останатото, влегол во конфликт со голем број на спортски федерации.

Иако се сметаше дека загрозена е позицијата и на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски поради тоа што во неговиот сектор имаше корупциски скандали, сепак, според истите извори, тој нема да биде променет, бидејќи преовладувала оценката дека нема никаква врска ниту вина за приведените функционери, а патем солидно си ја вршел работата.

Но, освен што се очекува промена на триото Ристовски-Филков-Љутков, можни се уште неколку кадровски освежувања при претстојната владина реконструкција, како резултат на тоа што, според неофицијални информации, ќе има и рокади на ресори меѓу владините партнери.

Во тој контекст, една од опциите е ВМРО-ДПМНЕ да го побара ресорот правда, но најверојатно ќе биде побарано ЗНАМ на Максим Димитриевски да предложи друг кадар, додека, според нашите соговорници, далеку пореална варијанта е ВМРО-ДПМНЕ да го презеде здравство, а ВЛЕН во замена да го добие култура, образование или друг ресор.

При таква разврска, како што дознава „Фокус“, речиси сигурно нов министер за здравство, на местото на актуелниот Азир Алиу, ќе стане директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски, кој влезе и во најновиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, формиран по последниот партиски Конгрес во Кавадарци.

Исто така, кадровски промени планира и албанската владејачка коалиција ВЛЕН, која периодов го привршува процесот на трансформација во единствена политичка партија со Изет Меџити и Биљал Касами како копретседатели, чие финале треба да се случи во мај.

Како што брифира функционер на ВЛЕН, по финализирање на овој процес ќе пресечат околу одлуките од кадровски карактер, меѓутоа, според него, веќе постои расположение за промена безмалку на сите нивни актуелни министри, но и заменици министри.

Оттука, заедно со Алиу, без моменталната функција по се изгледа ќе остане и министерот за економија Бесарт Дурмиши, додека одамна е кристално јасно дека додека е ВЛЕН дел од власта, веќе место во владата ќе нема за министерот за социјала Фатмир Лимани, и покрај довербата што во него ја има Мицкоски.

Тоа значи дека до следните парламентарни избори, кои власта тврди дека ќе се одржат во редовниот термин во 2028 година, а опозицијата прогнозира дека ќе има предвремени избори следната 2027 година, на моменталните позиции ќе останат Александар Николоски (транспорт), Панче Тошковски (МВР), Тимчо Муцунски (МНР), Владо Мисајловски (одбрана), Гордана Д.Кочоска (финансии)…

ВЛАДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА: Промени во правда и култура – Мицкоски е незадоволен од Филков и Љутков!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести