ВЛАДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА: Промени во правда и култура – Мицкоски е незадоволен од Филков и Љутков!

Министрите за правда и култура, Игор Филков и Зоран Љутков, се на излезна врата од Илинденска, бидејќи премиерот Христијан Мицкоски е незадоволен од нивната работа и резултати, дознава „Фокус“ од високи владини извори.

by vlatko 15:57
15:57

Во рамки на (мини) реконструкцијата на Владата, што треба да се случи на почетокот на следната година, ќе бидат променети најмалку двајца министри од актуелниот владин состав.

Според неофицијални информации на „Фокус“, промени се очекуваат во ресорите правда и култура, бидејќи премиерот Христијан Мицкоски е најнезадоволен од министрите Игор Филков и Зоран Љутков.

Високи владини извори велат дека Мицкоски смета оти тие имаат најслаб ангажман и резултати во споредба со сите други министри, поради што најверојатно ќе бидат променети.

Нашите соговорници посочуваат оти засега стои отворено прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го преземе ресорот правда и ќе го компензира коалицискиот партнер ЗНАМ со друг ресор, или, пак, ќе побара од ЗНАМ да предложи друг кадар.

Наспроти тоа, според нив, многу поедноставна е ситуацијата во култура, каде министерот Љутков е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, па негова смена не бара коалициски преговори и компромиси.

Оттука, ако ЗНАМ инсистира да го задржи ресорот правда тогаш ќе мора да предложи нов кадар кој ќе ги задоволи барањата на ВМРО-ДПМНЕ за далеку поголема проактивност.

Но, доколку ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена сака да го презеде овој ресор, со цел да презеде и одговорност во специфична област каде се потребни брзи и ефикасни реформи, тогаш ќе треба да му отстапи на ЗНАМ друг ресор, а еден од, условно кажано, слободните ресори ќе биде култура.

Сепак, конечна и официјална одлука за овие, како и за други кадровски прашања, според најавите, треба да биде донесена на почетокот на следната 2026 година, откако прво во декември ќе се одржи редовен изборен Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

НОВ ПРВ ВИЦЕПРЕМИЕР И МИНИСТЕР ЗА ЕКОЛОГИЈА

Претходно, односно во текот на следната недела треба да се пополнат двете места што ги ослободи поранешниот прв вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, кој на локалните избори беше избран за градоначалник на Чаир.

Уште пред изборите, ВЛЕН го најави актуелниот пратеник Беким Сали како нов прв вицепремиер, меѓутоа настана проблем кога ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ја отфрлија можноста друг кадар на ВЛЕН да стане министер за екологија.

Имено, водечката владејачка партија смета дека не треба да се менува коалицискиот договор, а тој предвидува еден човек да биде вицепремиер и министер за екологија, а не две лица да дојдат на двете функции.

Меѓутоа, таквата позиција ја искомлицира ситуацијата во ВЛЕН, бидејќи Сали доаѓа од Алтернатива на Зеќирија Ибраими, додека ресорот екологија му припаѓа на Демократското движење на Меџити.

Па, ако Сали стане вицепремиер и истовремено министер, тогаш се нарушува балансот во ВЛЕН, бидејќи Алтернатива ќе добие вицепремиер и два ресори (екологија и евроинтеграции, плус од Алтернатива е претседателот на Собранието), а ДД ќе остане без ниту еден ресор.

Затоа, на крајот по се изгледа епилогот ќе биде Сали да стане прв вицепремиер и воедно министер за евроинтеграции, додека актуелниот министер Орхан Муртезани да ротира на заменичко министерско место.

На тој начин, ќе се задоволи определбата на ВЛЕН Сали да биде прв вицепремиер и истовремено ќе се исполни барањето на ВМРО-ДПМНЕ секој вицепремиер, вклучително и Сали, да имаат ресор и задолженија.

Што се однесува до министерското место во екологија, таму се очекува нов министер да стане поранешниот владин портпарол Мухамед Хоџа, иако во игра беше и Недим Рама, довчерашен шеф на кабинет на Меџити.

Инаку, цела ситуација поедноставно би се решила доколку Хоџа или било кој кадар на Меџити што ќе седнеше во министерското столче во екологија да станеше и вицепремиер.

Меѓутоа, ветувањето дека ќе биде прв вицепремиер му е дадено на Сали уште пред изборите, поради тоа што не се оствари неговата амбиција да влезе во трка за градоначалник на Чаир, а воедно неговата Алтернатива не влезе ниту во битка за Сарај, туку ја доби општината Студеничани.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести