Платформата „АЈДЕ“ ќе собира потписи против Законот за хонорари

by Фокус

АЈДЕ! – Платформата за граѓанска политика започнува акција за собирање потписи од граѓаните, за оспорување на уставноста на пакетот закони со кои на хонорарците им се наметнува обврската за плаќање придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување.

Иницијативата е подготвена во консултативен процес со граѓанските и еснафските здруженија и со неа се бара Уставниот суд да донесе времена мерка за стопирање на примената на законите, одржување јавна расправа во Судот и конечно, поништување на спорните закони.

По тој повод АЈДЕ ќе одржи прес-конференција, утре, понеделник, 23 март 2015, во 11 часот пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Истовремено, Платформата за граѓанска политика, како неформална, но организирана група слободоумни поединци кои се стремат да ја вратат моќта за носење политички одлуки во рацете на граѓаните, целосно ја поздравува и ја поддржува иницијативата за референдум во општина Центар, за задржување на постојниот и автентичен изглед на Градскиот Трговски Центар – Скопје (ГТЦ).

Референдумот претставува најавтентична форма на граѓанска демократија и можност да ги обедини сите граѓани кои се поделени по различни основи, овозможувајќи им заеднички да одлучуваат за важни прашања од интерес на заедницата.

АЈДЕ! смета дека оваа иницијатива е важен момент за македонската демократија и јавно повикува на поддршка од сите граѓани и организации кои ги делат демократските вредности.

Истовремено, испраќаме апел до сооветниците на општина Центар да ја поддржат иницијативата за референдум и со тоа да им овозможат на граѓаните да ги реализираат нивните со устав загарантирани права

Поврзани новости