Писателот Владо Јаневски: Патувањата низ светот ми се најголема инспирација за пишување

by fokus

Помеѓу две патувања, со куфер подготвен за следната дестинација, македонскиот писател Владо Јаневски, кој многу години живее и работи во Сиднеј, Австралија, на 31 мај одржа средба со своите читатели. На настанот, во пријатниот амбиент на книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“, Јаневски зборуваше за своите книги во издание на „Арс Ламина“: романот „Мртвите знаат најдобро“ (добитник на наградата „Пегаз“ за 2020 година), „Смртта не е крај“ (објавен во 2022 г.) и сликовницата „Луѓето и змејовите“, која неодамна излезе од печат во соработка со Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ Уредничката на двата негови романи за возрасни објавени од „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, откри дека првата средба со ракописот на „Мртвите знаат најдобро“ била преку конкурсот за наградата за најдобар необјавен роман „Пегаз“, на кој Јаневски конкурирал анонимно.

– Дознав дека сум победил на конкурсот преку медиумите. Беше објавен мојот псевдоним, кога видов, се израдував, па им се јавив во „Арс Ламина“ и се претставив дека јас сум победникот. Секако, морав да докажам дека јас сум анонимниот автор (ха-ха-ха). И на конкурсот за Современи бајки од Македонија, каде што конкурирав со приказната за деца „Луѓето и змејовите“ се пријавив анонимно. Практикувам да конкурирам со псевдоним затоа што сметам дека така жирито ќе биде пообјективно при читањето на делото. Името на авторот често може да биде пречка или несвесно да влијае на оценката. А секако, тука е и совпаѓањето со истоимениот поп-пејач, па не сакам да се добие поинаков впечаток – изјави Јаневски.

Уредничката Бендевска, која беше и член на жирито за наградата „Пегаз“, рече дека „Мртвите знаат најдобро“ на авторот Владо Јаневски е пишуван во стилот на светски популарниот современ јапонски автор Харуки Мураками. Во романот се следи приказната за татко и син, кои се занимаваат со бизнис на платени убиства без никаква мотивација, освен финансиска придобивка, како и понатамошното наоѓање решенија за прикривање на труповите. Во делото се преплетуваат судбините на повеќе ликови, во свет каде што живите го делат просторот со мртвите, а сонот и јавето се еднакво реални и важни. Иако насилството и мрачните теми се како гротескен рефрен во романот, дури и нивното повторување преминува во еден специфичен црн хумор.

За Јаневски, оваа сличност е случајна, бидејќи претходно немал прочитано ниедно дело на Мураками.

– Откако ја добив наградата „Пегаз“ добив коментари дека мојот роман потсетува на стилот на Мураками. Искрено, тогаш првпат се „сретнав“ со Мураками, иако бев во Кјото, градот каде што е роден тој… Коинциденција е што поголем дел од дејството се склучува во Кјото, а истовремено книгата потсетува на делата на Мураками. Можеби се случила некоја необична конекција за време на тоа патување. Отпосле почнав да ги читам неговите книги.

Јаневски е мултимедијален уметник: писател, сликар, фотограф, стрип-автор, чија најголема пасија се патувањата. Себеси се нарекува светски патник, кој, откривајќи ги новите земји и култури, наоѓа инспирација во неговото творештво на повеќе полиња. На средбата со читателите раскажа низа анегдоти за патувањата. Голем впечаток му оставиле Рим и Каиро, со својата богата

историја. Јапонија била инспирација за „Мртвите знаат најдобро“, а потоа и за продолжението „Смртта не е крај“.

– Инспирација за пишување наоѓам преку честите патувања низ светот. Идејата за „Мртвите знаат најдобро“ произлезе од моето патување во Јапонија, чијашто посета ми беше долгогодишна желба. Имињата на ликовите и местата се автентични, јапонски. Но, при описот на местата избегнувам да ги „удавам“ со откривање на премногу детали. Сакам нешто да оставам и на имагинацијата на читателите. Покрај тоа што пишувам, сакам да фотографирам и да сликам. Во моето домашно ателје има над 300 слики, кои не ги продавам, ги чувам за себе. Всушност, две мои слики се најдоа на кориците на „Мртвите знаат најдобро“ и „Смртта не е крај“. Тие се нацртани независно од случувањата во романите и не се фактички поврзани, но многу се поклопија со приказните. Во консултација со издавачката куќа се решивме да ги ставиме на насловите страници и не згрешивме… Инаку, интересно е што, најчесто, идеите за пишување ми доаѓаат додека ги четкам забите навечер, пред спиење. Во таа навидум здодевна и махинална рутина се родија многу ситуации што се најдоа во моите книги – рече тој.

Настанот во „Литература.мк“ беше збогатен со читање извадоци од неговите книги, во интерпретација на сопругата на Јаневски, Емилија Тодорова. Таа прочита извадок од романот „Мртвите знаат најдобро“ и од „Луѓето и змејовите“. Во продолжение авторот одговори на повеќе прашања од публиката, по што следуваше потпишување на книгите.

Јаневски е роден во Македонија, каде што завршил високо образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Негови објавени дела се: стрипот „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип квадрат“, 2023), сликовницата „Луѓето и змејовите“ („Арс Ламина“, 2023), романот „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, 2022), романот „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, 2020), романот „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, 2020), романот „Под друга капа“ („Магор“, 2019), романот „Made in Jabana“ („Слово“, 2004), збирката наградувани раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, 1985). Застапен е и во антологиите „Современи кратки книжевни форми“ („Инаку“, 2022), „Современи авторски бајки“ („Феникс“, 2021) и „Песни за Скопје“ („Феникс“, 2021). Кратката бајка „Папагалот и кучето“ од Јаневски е дел од збирката раскази за деца „Детелинки-белинки“, во издание на „Арс Ламина“.

Добитник е на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ 2021 за сценариото „Под друга капа“ и на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината за 2020 година, за ракописот „Мртвите знаат најдобро“. Повеќепати бил наградуван и на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, 2006, 2007, 2008), „Книжевни елементи“ (Скопје, 2021), „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007, 2021, 2022) и „Современост“ (Скопје, 2022).

Изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции на повеќе места во светот. Објавувал карикатури во познатото австралиско списание „The Bulletin with Newsweek“. Неговите стрипови „Палавковците“ и „As Long As We Try“ редовно се објавуваат на „Фејсбук“ и на

неколку портали и се следат од поголем број читатели. Работи и како уредник за книжевно и ликовно творештво во списанието „Везилка“, каде што претставува македонски автори кои живеат надвор од Македонија.

Книгите од Владо Јаневски се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн, преку http://www.literatura.mk.

 

Поврзани новости